Светиот Отец во петок 2 декември 2022 година се сретна со делегација на Латиноамериканската рабинска семинарија и повторно ја осуди индустријата за оружје и потсети дека во Украина се тестираат нови оружја на сметка на луѓе кои умираат. Освен тоа, тој забележа дека во Библијата, праведноста значи обожавање на Бог и служење на другите
Папата Фрањо во петок, 2 декември, за време на аудиенција одржана во Ватикан, се обрати пред делегацијата на Латиноамериканската рабинска семинарија од Аргентина. Страдам поради оваа војна – рече Светиот Отец, говорејќи без претходно подготвен текст и осврнувајќи се на војната во Украина. Браќа против браќа, но не само тоа. Кога ќе помислиме дека за само еден век имало три светски војни: првите две и сега оваа. Дополнително, кога ќе помислиме дека гладот во светот би исчезнал доколку не се произведува оружје една година. Страдам кога гледам како се тестираат беспилотни летала што кружат над Украина. Тоа се нови оружја што ги тестираат, на сметка на луѓето кои умираат – рече Папата.
Пример за братство
Прашањето што си го поставува Римскиот епископ за човечката нежноста наоѓа одговор кај Еремија. Затоа испрати силен поттик до сите да работат како браќа. Против културата на суровоста, да работиме поаѓајќи од нашата вера кои имаме заеднички свети книги и давајќи пример за братство – рече Папата.
Поклонување, служење, помагање
Папата се осврна и на оние кои го нарекуваат „комунист“ затоа што зборува за општествени работи, наместо да зборува за Бог. Сепак, Петровиот наследник додаде дека во Библијата е присутна праведноста на срцето и секогаш е поврзана со Бога и ближниот. Затоа се поклонуваме и служиме, се поклонуваме и си помагаме едни на други. Оној што само помага, а не се поклонува е добар атеист, ништо повеќе. Кој се поклонува и не помага е циник, лажливец. Тие две работи одат заедно. И за тоа мора да се бориме, за нашата вера да стане дело и нашите дела да водат до вера – нагласи папата Фрањо.
Оспособување на нови лидери на заедницата
Делегацијата на Латиноамериканската рабинска семинарија „Маршал Т. Мејер му претстави на Папата предлог за општествена промена преку обука на нови општествени лидери, почнувајќи од заедничка духовна перспектива. Тоа е цел што може да се постигне во соработка со Светиот Престол преку едукативни центри, центри на духовност и младински движења. Во интервју за Ватикан њуз, ректорот на Латиноамериканската рабинска семинарија, аргентинскиот рабин Ариел Стофенмахер истакна дека предлогот се однесува на разбирање на потребите на овој свет и визијата што ја има Папата во однос на овие потреби, во смисла на фокусирање на сиромашните и заштитате на животната средина. Оттука произлегува потребата да се обучат нови општествени лидери преку образованието, кои одлучно ќе се справат со предизвиците на општеството како што се дискриминацијата, сиромаштвото, невработеноста и родовото насилство.
Латиноамериканската рабинска семинарија е водечки центар на еврејската духовност и образование во Латинска Америка. Рабинот Маршал Т. Мејер, по кого семинаријата го доби името ја основа семинаријата во 1962 во Буенос Аирес. Имаат канцеларии во Монтевидео и Сантијаго де Чиле.
Ватикан њуз/к.мк