Папата ги прими преставниците од заедницата Иван XXIII

На 20 декември во салата Павле VI папата Фрањо ги прими на аудиенција членовите на заедницата Иван XXIII основана од покојниот дон Оресте Бензи. По поздравниот говор на Џовани Паоло Рамонде и некои сведоштва, Папата се обрати на членовите на заедницата. Вашите сведоштва зборуваат за ропството и ослободувањето, зборуваат за себичноста на експлоататорите и великодушноста на луѓето кои на ближните помагаат да се подигнат од материјалната и моралната беда. Вашите искуства се согледувања на разновидни сиромаштва во светот, ја опишуваат најопасната беда мајката на сите беди: одделеноста од Господ, мислењето дека можеме без Него. Бедно е заслепеноста за материјалните добра, за моќ и задовоството сметајќи ги за цел на сопственото постоење, како и искористувањето на туѓиот живот за тие цели да се постигнат – рече Папата.

Господовото присуство означува разлика помеѓу слободата за доброто и робувањето на злото; овозможува да правиш добри дела и да уживаш во радоста која се одразува и на ближните. Божјото присуство ги проширува хоризонтите, со чисти мисли и чувства нè зајакнува да издржиме во тешкотиите и искушенијата. Каде што е Исус таму е воскресението и животот затоа што Он Самиот е Воскресение и Живот – рече Папата.

Зборувајќи пак за верата рече дека таа навистина ги преместува планините на рамнодушност и неволност, незаинтересираност и неплодна затвореност. Ја отвара вратата на љубовта поттикнувајќи во нас желба да го наследуваме Исус, нè насочува на доброто, нè охрабрува да делуваме како добриот самарјанин – истакна Светиот Отец, додавајќи:

Го знаел тоа многу добро Дон Оресте основачот на вашето здружение. Неговата љубов кон малите и сиромашните, исклучените и напуштените, била вкоренета во љубовта на распнатиот Исус Кој заради нас стана сиромашен и последен. Неговата одлучност во многу земји да основа ограноци на здружението извира од надежта во Божјата провидност, од верата во воскреснатиот Христос, живиот и делотворен, способен да умножи мала сила и расположливите добра како некогаш лебовите и рибите, за да го засити мноштвото народ – кажа Папата.

Будејќи во младите интерес за Исусовата личност во него се родила идејата за нив да организира „симпатична средба со Христос“, да можат со животот радосно да ја сведочат христијанската порака. Така настанала вашата заедница денес присутна во 34 држави, со свои куќи – семејства, општествени и воспитни задруги, куќи за молитва и канцеларии за поддршка на жените со проблеми во бременоста и други вложувања. Провидноста ве умножила потврдувајќи ја важноста на харизмата на основачот кој сакал да зборува – како што рече вашиот врховен директор – „за да се одржете на нозе треба да клечете“. Ви го упатувам повикот на свети Иван Павле II да се грижите за својата духовна формација и истрајноста во пристапувањето на светите Тајни и Евхаристијата да биде центарот на куќата – семејството и секоја друга општетсвена и воспитна активност. Со срце исполнето со Божја љубов извира љубовта кон браќата и сестрите – рече Светиот Отец поттикнуваќи ги сите да молат за него. Сите ве доверувам на Богородица да ви даде Божиќ полн со љубов и радост, а вас од срце ве благословувам – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот