Папата ги повика децата никогаш да не престанат да сонуваат

„Вие имате право да сонувате … .. Каде има соништа, има радост и Исус е секогаш таму“. Ова беше пораката на папата Фрањо кон децата кои ги посети во петокот во училиштето Дева Марија, Царица на ангелите, во њујоршкиот кварт Харлем.

Во најголем дел католичко, училиштето го посетуваат деца од сиромашни семејства, главно на мигранти и Афроамериканци. Во него учат околу 300 ученици, од предучилишна возраст до осмо одделение.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Многу сум среќен да бидам со вас денес, заедно со ова големо семејство, што ве опкружува. Ги гледам вашите наставници, родители и членовите на вашите семејствата. Ви благодарам што ми дозволивте да дојдам, им се извинувам на вашите наставници, што им украдов неколку минути од лекциите во класот …. Сите се среќни, знам!

Ми кажаа дека една од најубавите карактеристики на ова училиште и оваа работа е што многу од неговите ученици, доаѓаат од друго место и многу различни земји. Тоа е убаво! Иако знам дека не е лесно кога треба да се преместувате и да барате нов дом, нови соседи и нови пријатели. Тоа не е лесно, но треба да започнете. На почетокот дури може да е прилично тешко. Често треба да учите нов јазик, да се приспособите кон нова култура, дури кон нова клима. Има толку многу да се учи! Не само домашните, туку и многу други работи.

Добрата работа е дека исто така наоѓаме нови пријатели. Новите пријатели кои ги наоѓаме се многу важни. Наоѓаме луѓе кои ги отвораат своите врати за нас и ни покажуваат љубов, пријателство, разбирање и бараат помош, за да не се чувствуваме чудно како странци. Сето ова е работа на луѓе кои ни помагаат да се чувствуваме како дома. Иако понекогаш мислите ни се упатени кон нашата земја, ние среќаваме добри луѓе кои ни помагаат да се чувствувате како дома. Колку е убаво да го чувствувате училиштето како втор дом. Ова е важно не само за вас, но и за вашите семејства. Училиштето станува големо семејство, каде, заедно со вашите мајки и татковци, баби и дедовци, вашите наставници и пријатели се учите да си помагате еден со друг, да ги споделите вашите добри квалитети, да го давате најдоброто од себе, да работите заедно, да работите во тим, што е многу важно и да ги реализирате вашите соништа.

Во близина на вашето училиште се наоѓа една многу важна улица која го носи името на еден човек кој направи многу за другите луѓе. Сакам да поразговарам малку за него. Тоа е Мартин Лутер Кинг. Еднаш тој рече: „Имам сон“. Неговиот сон беше децата и воопшто луѓето да имаат еднакви можности. Неговиот сон беше, многу деца како вас да можат да добијат образование. Неговиот сон беше, многубројни мажи и жени, како вас да ја кренат високо главата, со достоинство да заработат за живот. Прекрасно е да имате соништа и да можете да се борите за нив.

Денес сакам ве замолам да си ги задржите вашите соништа. Да ја славиме секоја можност која ви овозможува на вас и на нас возрасните, да не губиме надеж за подобар свет со поголеми можности. Многу луѓе со кои се сретнав и кои ми претставија дека сонуваат како вас, сонуваат за тоа. Затоа тие ја избираат оваа работа. Влегуваат во вашиот живот, за да ве придружуваат на овој пат. Сите сонуваат. Секогаш. Знам дека еден од соништата на вашите родители, воспитувачи и сите оние кои ви помагаат – исто и на кардиналот Долан, кој е многу добар! – е да можете да растете и живеете со радост. Тука се гледа дека сте насмеани: продолжете така, помагајте им на луѓето кои живеат до вас, да се заразат од оваа радост. Не е секогаш лесно. Во секој дом има проблеми, тешки ситуации или болести, но не престанувајте да сонувате дека можете да живеете со радост.

Пред да си одам, сакам да ви дадам домашно. Може ли? Таа е мала молба, но многу важна. Ве молам, не заборавајте да се молите за мене, за да можам да ја споделам со многу луѓе радоста на Исус. И ајде да се молиме за да можат многу други луѓе да споделат радост како вашата, кога се чувствувате придружени, потпомогнати, посоветувани, дури и да има проблеми, присуствува мирот во срцето, бидејќи Исус не нѐ напушта.

Бог да ве благослови сите и Дева Марија да ве штити!

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот