Папата Фрањо во среда 7 октомври 2020 година ги повика верниците во октомври повторно да ја откријат убавината на Бројаницата.
„Денес се слави Блажена Девица Марија од Светата Бројаница. Сите ги повикувам повторно да ја откријат, посебно во овој месец октомври, убавината на молитвата Света Бројаница, која низ вековите ја зајакнува верата на христијанските народи“ – рече папата Фрањо поздравувајќи ги италијанските поклоници за време на Генералната аудиенција во среда.
И во својот поздрав до полските верници Папата ја истакна важноста на молитвата Света Бројаница. „Денес го славиме празникот Блажена Девица Марија од Светата Бројаница. Богородица во своите објавувања често ги повикува верниците да молат Бројаница, посебно како одговор на заканите кои се надвиснати над светот. И денес, во ова време на пандемија, многу е потребно да се земе Бројаницата и да молиме за нас, за нашите сакани и за сите луѓе. Сите вас ве доверувам на Царицата на Бројаницата и од срце ве благословувам“ – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк