Папата ги именуваше „излечивите болести“ на Римската Курија: Потребен е испит на совеста

Римската Курија да биде како „мал модел на Црквата“: тоа беше желбата на Папата упатена до своите најблиски соработници во Ватикан, кои во понеделник 22 декември 2014 година ги прими во аудиенција во салата Климентина по повод традиционалната размена на божиќни желби. Во долгото излагање, папата Фрањо, наброи 15 „болести“ кои бараат „трпеливо и постојано лекување“.

Цитирајќи го својот претходник Пио XII, дека Црквата е „мистично тело на Исус Христос“, папата Фрањо истакна дека „како динамично тело, Куријата не може да живее без да се храни и лекува“, за што е потребна „здрава и вистинска врска со Христос“. Без оваа „витална“ врска, секој нејзин член може да се претвори во бирократ или обичен службеник. Папата конкретно ги „каталогизираше“ овие болести:

Болеста да се чувствуваш „бесмртен“, „недопирлив“ или дури „незаменлив“. „Куријата, која не е самокритична, која не се обновува и не се стреми кон подобрување, е како болно тело“. Папата потсети дека едно одење на гробишта ќе ни помогне да ги видиме имињата на толку многу луѓе кои „можеби се сметале за вечни, недопирливи или дури незаменливи!“. Ова е болест на оние кои „се претвораат во господари и се чувствуваат поголеми од другите, а не во служба на сите.

Болеста на претерана оперативност или оние што толку се потонати во работата па забораваат на „Најдобриот дел“, исто како Марта во библискиот дел од Лука (Лука 10, 38-42). Затоа Исус ги повикува своите ученици „да се одморат малку“ (Марко 6, 31), бидејќи занемарувањето на потребата од одмор доведува до стрес и анксиозност. Времето за одмор, за оној кој ја завршил својата мисија, потребно е и треба да биде земено во предвид: меѓу семејството и одморите, како момент за духовно и физичко полнење. Или како што се вели во книгата на Проповедник „има време за секое нешто“ (Екл.3, 1-15).

Болеста на менталната и духовната нечувствителност. Таа е болест на оние кои поседуваат камено срце, кои го „изгубиле внатрешниот мир, животот и храброста, и се кријат зад документите, претворајќи се во „машини за фабрикување на досиеја“, а не Божји луѓе“, тие се неспособни „да плачат со оние што плачат и да се радуваат со радосните“.

Болеста за прекумерно планирање. Кога еден апостол планира сè детално и верува дека со тоа работите напредуваат, така станува сметководител и трговец. Неопходно е да се подготви сè добро, но без да се паѓа во искушение да се затвориш и ја пилотираш слободата на Светиот Дух … Секогаш е полесно и поудобно да се сместиш во сопствените статични и непроменливите позиции.

Болеста на лошата координација. Кога членовите на Куријата „го губат единството меѓу себе, телото ја губи својата хармонична функционалност“, станувајќи „оркестар кој бучи, бидејќи неговите членови не соработуваат, не се во општење со тимското чувство“.

Болеста на духовниот Алцхајмер или „прогресивното деградирање на духовните дарови“ кое „предизвикува сериозни оштетувања на личноста“, принудувајќи ја да живее „во состојба на зависност од нејзините визии, често само имагинарни“. Тоа се гледа кај оној што го изгубил сеќавањето од средбата со Господ и кој зависи од сопствените страсти, каприци и опсесии“, градејќи на овој начин околу себе „ѕидови и навики“.

Болеста на ривалството и на гордоста. „Кога погрешното, боите на облеката и карактеристичните знаци стануваат главна цел во животот … Тоа е болест, која нè прави неискрени мажи и жени кои живеат неискрен „мистицизам и лажен мир“. Самиот свети Павле вели дека тие „постапуваат како непријатели на крстот Христов“, бидејќи „се фалат со тоа, од што би требало да се срамат и мислат за земното“ (Филипјани 3,19).

 Болеста на егзистенцијалната шизофренија. Погодените од неа се „оние кои живеат двоен живот, плод на типично лицемерие на просечност и на прогресивната духовна празнина, која не можат да ја исполнат ниту докторати, ниту академски титули“. Многу често таа ги поразува оние кои „напуштајќи ја пастирската служба, се ограничуваат со бирократските практики, губејќи го на тој начин контактот со реалноста и конкретните луѓе. Така, тие создаваат еден паралелен свет каде ставаат на една страна сè со што строго ги поучуваат другите, а од друга страна водат скриен и често распуштен живот. Пресвртот е итно потребен за оваа болест (Лука 15,11-32).

Болеста на „тајно оговарање и клеветење“. Оваа болест „го освојува човекот, правејќи го „сејач на раздори“, (како сатаната), а во голем број случаи го прави и ладнокрвен убиец на угледот на неговите колеги и соработници. Ова е болест на подли луѓе кои немаат храброст да зборуваат отворено, туку само зад грб. Ајде да се чуваме од тероризмот на клеветење!“

Болеста да се обожава претпоставениот. Од оваа болест страдаат оние кои им се додворуваат на претпоставените, надевајќи се да го добијат нивното благоволение. Тие се жртви на кариеризмот и опортунизмот, ги почитуваат луѓето, а не Бога (Матеј 23, 8-12). Тоа се луѓе кои живеат за служењето, мислејќи само на она што треба да го добијат, а не што треба да дадат. Тоа се луѓе кои се патетични, сиромашни и инспирирани од сопствената фатална себичност (Гал. 51 16-25). Оваа болест може да влијае и кај самите претпоставени кога им се додворуваат на некои од своите соработници, за да ја добијат нивната послушност, лојалност и психолошка зависност, но крајниот резултат е вистинско соучество“.

Болеста на индиферентноста кон другите. „Кога секој мисли само за себе и ја губи искреноста и топлината на човечките односи. Кога најискусните не го ставаат своето знаење во служба на своите неискусни колеги. Кога, поради завист или поради лукавство, се чувствува радост при падот на ближниот, наместо да му се помогне да се соочи и да се подигне“.

Болеста на погребно лице или на намуртените и кисели луѓе кои сметаат дека за да изгледаат сериозно треба лицето да им изразува меланхолија, строгост и да ги третираат другите – особено подредените – со суровост, цврстина и ароганција“. Всушност, додава Папата, „театарската строгост и стерилниот песимизам често се симптоми на страв и несигурност во себе. Апостолот треба да вложи напори да биде љубезен, тивок, ентузијастичен и да пренесува радост …“. „Не треба да го губиме чувството за хумор, дури и самокритичен, што нè прави расположени, дури и во тешки ситуцации. Колку само добро ни делува една порција здрав хумор!“.

Болеста да се собираат материјални добра. Кога апостолот се стреми да си ја пополни суштинската празнина во срцето, трупајќи материјални добра, не поради неопходност, туку само за да се почувствува сигурен“. Всушност, ништо материјално не можеме да понесеме со себе, бидејќи „плаштеницата нема џебови“ и сите наши земни богатства – дури и да се дарови – нема да можат да ја пополнат таа празнина, дури и ќе ја направат уште поголема“.

Болеста на затворените кругови или „кога припадноста кон една мала група станува посилна од Телото, а во некои случаи и од самиот Христос. Дури и оваа болест се јавува како резултат на добрите намери, но со текот на времето ги заробува членовите кои стануваат „рак субјект“, што го загрозува интегритетот на Телото и предизвикува болки – скандали – особено на најмалите наши браќа.

Болеста на секуларните бенефиции на самоувереност. Кога апостолот го претвора своето служење во власт, а власта во стока, за да добие световни бенефиции, или повеќе моќ. Ова е болеста на луѓето кои ненаситно се стремат да ја множат власта и за таа цел се способни да клеветат, да проколнуваат и да ги посрамотат другите, дури и во весници и списанија. Се разбира, за да се покажат поспособни од другите“. Тоа е болест која му „штети многу на телото, бидејќи ги тера луѓето да ја оправдуваат употребата на било какви средства, само за да ја постигнат својата цел, често во име на правдата и транспарентноста“.

„Овие болести и искушенија се опасаност за секој христијанин, Курија, Конгрегација, парохија, црковно движење итн. и можат да поразуваат како на индивидуално, така и на колективно ниво- заклучи Папата.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот