Папата во пораката за Великиот пост: Лудоста на семоќта ги одбива сиромашните

Да го живееме времето на Великиот пост во оваа Света година како поволен момент за преобраќање – поттикна папата Фрањо во пораката за Великиот пост објавена на 26 јануари на тема „Милост сакам, а не жртва“, и рече дека во тој период ќе испратиме мисионери на милосрдието за да бидат на сите луѓе конкретен знак на Божјата прошка.

Да го живееме времето на Великиот пост во оваа Света година како поволен момент за преобраќање – поттикна папата Фрањо во пораката за Великиот пост објавена на 26 јануари 2016 година на тема „Милост сакам, а не жртва“. Папата повторно ја истакна важноста на материјалните и духовните милосрдни дела и силно го критизираше лудилото на семоќта на оние кои ја затвораат вратата пред сиромашните кои чукаат на нашата врата. Освен тоа рече дека во тој период ќе испратиме мисионери на милосрдието за на сите луѓе да бидат конкретен знак на Божјото простување.

Божјото милосрдие го преобразува срцето на човекот и му дава да ја почувствува љубовта која го прави способен за милосрдие – напиша Светиот Отец и се задржа на новото чудо кое секогаш милосрдието го зрачи во животот на секој од нас, наведувајќи нè на љубов кон ближниот. Споменувајќи ја булата „Misericordiae Vultus“ со која го најави Јубилејот на милосрдието, папата Фрањо ја истакна важноста на телесните и духовните милосрдни дела. Таа нè потсетува дека нашата вера се претвора во конкретни секојдневни дела, наменета да помогне на нашиот ближен во телото и во душата, а според што ќе ни биде судено – пишува Папата.

Благодарение на милосрдните дела – уверен е Светиот Отец – ќе можеме да ја пробудиме својата совест која често е заспиена пред драмата на сиромаштвото. Во сиромашниот Христовото Тело станува повторно видливо и тоа како тело измачено, рането, камшикувано, неисхрането, во бегство… за да го препознаеме, да го допреме и грижливо да му помогнеме. Токму грижејќи се за сиромашните – според зборовите на Папата – навистина сфаќаме колку е силна Божјата љубов и забележуваме дека Божјиот сојуз со луѓето е токму историјата на милосрдието.

Спротивно на тоа – предупреди Папата – се открива дека е најбеден сиромав оној кој не се признава како таков. Верува дека е богат, но всушност е најсиромашен меѓу сиромашните. Тој е таков затоа што е роб на гревот, кој го присилува богатството и моќта да го користи не за да му служи на Бог и на другите, туку за да ја потисне во себе длабоката свест за тоа дека ниту тој самиот не е ништо друго помалку од сиромашен просјак – нагласува Папата.

Колку поголеми се моќта и богатството во негово располагање, толку поголема може да стане таа лажна заслепеност заради која доаѓа до тоа да не сака да го види кутриот Лазар кој проси на вратата од неговиот дом. Тој Лазар е Христовиот лик кој во сиромашните го проси нашето преобраќање. Лазар е можност за преобраќање кое Бог ни го нуди, а кое можеби ние не го гледаме – истакна папата Фрањо и додаде дека станува збор за заслепеност која ја следи горделивото лудило на семоќта.

Тоа лудило може да преземе исто така и општествен и политички облик – стои понатаму во пораката на Папата – како што се покажаа тоталитаризмот во XX век и како што денес се покажува идеологијата на единствени мисли и техно науката, кои Бог сакаат да го направат неважен, а човекот да се сведе на маса за инструментализација.

Освен тоа Светиот Отец предупреди на структурите на гревот поврзани со моделот на лажниот развој заснован на идолопоклонството на парите кои ги збогатуваат поединците и општествата ги прават рамнодушни кон судбината на сиромашните и ја затвораат својата врата одбивајќи дури и да ги погледнат. Заради сѐ поголемото затворање кон Христос кој во сиромашниот и понатаму чука на нивната врата, горделивите, богаташите и моќниците на крајот сами се осудуваат на вечениот понор на осаменоста, на пеколот.

Затоа за сите луѓе – како што истакна – Великиот пост во оваа Јубилејна година е поволно време конечно да излезат од своето животно отуѓување, благодарение на слушањето на Словото и милосрдните дела. Телесните и духовните дела не треба да се разделуваат – додава Папата – затоа што токму допирајќи во таинството на Телото на распнатиот Исус, грешникот може да го прими дарот на свеста дека и тој самиот е кутар просјак.

Поминувајќи по тој пат и горделивите, силните и богатите за кои се говори во хвалоспевот „Величај“ имаат можност да забележат дека незаслужено ги сака Распнатиот кој умре и воскресна и за нив. Само во таа љубов – истакна папата Фрањо – е одговорот на жедта за бесконечната среќа и љубовта за која човекот мисли дека може да ја угаси со идолите на спознанието, моќта и поседувањето.

Да не го изгубиме тоа време на постот поволно за преобраќање и тоа следејќи го примерот на Марија која пред величината на божественото милосрдие кое бесплатно е дарувано прва ја препознала сосптвената маленкост признавајќи се за понизна слугинка Господова – стои на крајот од пораката на Папата за Великиот пост.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот