Исусовата благодат во искушенијата ни помага да не се сокриваме пред Бог, туку да бараме прошка, за да се подигнеме и да одиме напред – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 10 февруари 2017 година, во капелата на домот Света Марта.
Искушенијата нѐ поттикнуваат да се сокриваме пред Бог, останувајќи со својата вина, гревот и расипаноста. Ѓаволот е многу искусен во измамите, тој е татко на лагата, лажливец е – истакна Папата, осврнувајќи се на првото литургиско читање. Ѓаволот со Ева започнува дијалог и така малку по малку ја заведува. Со Исус пак е друга приказната. Се обидува да го излаже и Исус, но не му оди од рака. Тогаш ѓаволот се покажува каков е, а Исус му го дава одговорот на Отецот. Со ѓаволот не се разговара, затоа што може да се заврши како Адам и Ева: голи – рече Светиот Отец.
Ѓаволот е лош плаќач, слабо плаќа. Изманик. Ветува сѐ, а оголува до кожа. И Исус останал гол, но на крстот, од послушност на Отецот. Лукав е ѓаволот, не може со него да се води дијалог. Сите знаеме, што се искушенијата, затоа што сите им сме подложени. Бројни се: празнина, горделивост, похота, алчност… многубројни – рече папата Фрањо.
Денес многу се говори за корупција, и заради неа треба да се бара помош од Бог. Во светот има многу расипани луѓе, за нив знаеме од весниците. Можеби започнале со ситници, со кражба во продажбата, 900 грама наместо килограм? Корупцијата започнува со ситниците, со разговорот: Не е вистина, нема да ти наштети ова овошје, вкуси, добро е. Никој нема да забележи дека недостасува еден плод. Така малку по малку се паѓа во грев, во корупција – предупреди Папата.
Црквата нѐ учи да не бидеме наивни, да не кажам глупави – рече Папата. Нѐ учи да ги отвориме очите и од Бог да бараме помош, затоа што сами не можеме да се бориме против злото. Ако започнеш дијалог со него, тој ќе те победи. Нека Бог ни даде милост и нека нѐ придружува во борбата со искушенијата; а ако сме пак измамени заради нашите слабости во искушенијата, нека ни подари храброст да се подигнеме и да одиме напред. Исус затоа дојде – заврши Папата.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк