Светиот Отец папата Фрањо даде големо интервју за влијателниот шпански весник Ел Паис во кое говори за новоизбраниот американски претседател Донал Трамп, за односот помеѓу Ватикан и Кина, за луѓето во Црквата кои со него не се согласуваат, осврнувајќи се притоа и на прашањето на миграцијата и она што го смета за најголем проблем во Црквата – клерикализацијата.
И покрај тоа што веќе четири години се наоѓа на чело на најголемата светска религија, папата Фрањо и понатаму смета дека останал обичен „свештеник од улицата“, каков што бил и во Буенос Аирес.
„Штом излезам надвор за да ги поздравам луѓето на Генерална аудиенција, или кога патувам… мојот каратер не се промени (…). Не е природно да се менуваш. Промена на 76 години, всушност е ставање шминка (на себе). Можеби не можам да правам сѐ што сакам, но мојата улична душа е сѐ уште жива, што можете и самите да видите.
Од таа перспектива Папата го допре и она што го смета за најголем современ проблем на Црквата, а тоа се „анестезираните свештеници.“
„Можеби најопасната болест за пастирот е да биде анестезиран, што е причина за клерикализам. Јас сум овде, а луѓето се таму. Но, ти си пастир на тие луѓе! Ако не се грижиш за нив, ако дигаш раце од нив, треба да си ги спакуваш своите работи и да се пензионираш.“
„Световниот дух анестезира. Кога тоа ќе се случи, свештеникот станува државен службеник (…)“
Папата решението го гледа во 25. глава од Евангелието според Матеј, каде Исус истакнува дека ќе бидеме судени врз основа на односот кон ближниот: „Бев гладен, бев во затвор, бев болен… Секогаш да се биде близок на својот ближен. Тоа не е само милосрдие, тоа е многу повеќе.“
Светиот Отец како водечки проблем во светот ја истакна „Третата светска војна“ која се одвива „во делови“ и економската нееднаквост. Додаде дека во денешно време за можна нуклеарна војна се говори како да се работи за игра со карти.
Осврнувајќи се на Доналд Трамп и „тензиите“ кои се чувствуваат во светот заради неговиот избор за американски претседател, папата Фрањо истакна дека треба да „се почека и да се види.“
„Не сакам однапред да ги судам луѓето,“ изјави притоа додавајќи: „Ќе видиме како ќе се однесува, кои потези ќе ги повлече, па потоа ќе изградиме мислење. Но, да се плашиме или радуваме однапред заради нешто што можеби ќе се случи, според мене е прилично не мудро.“
Откако новинарот и понатаму упорно, прашувајќи го дали е „загрижен заради работите кои до сега сме ги слушнале,“ Папата заклучи: „Јас чекам. Бог толку долго ме чекаше мене, со сите мои гревови…“
На прашање од новинарот дали спроведува „револуција на нормалност“, Папата рече:
„Се обидувам иако не знам дали успевам, да го правам она што го вели Евангелието,“ одговори папата Фрањо, истакнувајќи дека Црквата секогаш кон напред ја влечеле светците, а не теолозите, свештениците, чесните сестри или епископите.
Светците се специфичен пример за секојдневно живеење на Евангелието! (…) Нема сомнеж дека ни се потребни теолози и свештеници, тие се дел од Црквата, но мораме да се вратиме на Евангелието. А кои се најдобрите гласници на Евангелието? Светците,“ рече Папата, допирајќи ја „револуцијата“ која ја истакна новинарот.
„Јас не сум светец. Не правам никаква револуција. Само се обидувам да го истакнам Евангелието, на еден несовршен начин, затоа што од време на време паѓам и самиот во заблуда.“
Светиот Отец истакна и дека чувствува поддршка од различни луѓе, млади и стари, но свесен е дека постојат и такви кои не се согласуваат со него во сѐ: „Постојат, секако, некои кои не се согласуваат со мене и тие го имаат тоа право затоа што кога би се чувствувал лошо само затоа што некој не се согласува со мене, би значело дека во себе го имам семето на диктатор.
„Тие луѓе имаат право да мислам дека патот по кој одам е опасен и дека неговиот резултат би можел да биде лош… го имаат тоа право, но за тоа треба да разговараат, а да не се сокриваат зад другите. На тоа никој нема право. Сокривањето зад другите е нехумано, тоа е злосторство. Секој има право да расправа и би сакал кога повеќе би расправале затоа што тоа создава подобра поврзаност,“ додаде Светиот Отец, порачувајќи дека расправата во добрата вера нѐ обединува.
Папата Фрањо потоа се осврна на една од најчестите теми на неговиот понтификат – бегалците, истакнувајќи дека по нивното примање, другиот најголем проблем е интеграцијата. Притоа како позитивен пример ја истакна Шведска.
„Доаѓате во Шведска и веднаш ви даваат здравствено осигурување, документи и дозвола за престој… Потоа добивате дом, а после недела дена училиште во кое учите јазик…“
Уште една важна тема беа преговорите помеѓу Кина и Ватикан, а папата Фрањо истакна дека со задоволство би отишол во Кина, „штом го поканат.“
„Тие тоа го знаат. Меѓу останатото, црквите во Кина се преполни. Во Кина (луѓето) можат слободно да ја практикуваат својата вера.“
За крај Светиот Отец истакна и дека веќе повеќе од 25 години не гледа телевизија.
„Не гледам телевизија затоа што едноставно почувствував дека Бог тоа го бара од мене. На 16 јули 1990 година дадов ветување и го почитувам од тогаш. Единствено понекогаш знаев да отидам во телевизиски центар кој се наоѓа во близина на надбискупијата за да погледнам неколку филмови кои ме интересираат, кои ми изгледаат пригодни со оглед на мојата порака.“
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк