Папата во интервју за Ла Стампа: За мене Рождество е надеж и нежност
„За мене Рождество е надеж и нежност …”, на овој начин папата Фрањо ги опишува своите чувства во пресрет на големиот христијански празник во долгото интервју за италијанскиот весник “Ла Стампа”. Во скоро двочасовниот разговор, новинарот Андреја Торниели и Папата разговараат на различни теми: од страдањата на децата и драмата на гладот во светот до односите на Католичката црква со другите христијански деноминации, реформите во Куријата, бракот и семејството, неговата посета на Светата Земја во текот на следната година.
Првото Рождество како Папата
„Тоа е средбата со Исус – објаснува папата Фрањо во интервјуто. Рождество Христово е средба на Бог со својот народ. Тоа е истовремено и мистеријата на утехата”. Многу пати, по полноќната Литургија, останувам неколку часа сам во капелата, пред да ја служам утринската Божиќна литургија. Исполнет со длабока утеха и мир” … „за мене Рождество секогаш е созрецание на посетата на Бог меѓу својот народ”. Истовремено Папата го критикува банализирањето и стереотипите на божиќните прослави: „Кога недостасува способноста или ситуацијата не ти дозволува да ја разбереш оваа радост, тогаш празникот се исполнува со секуларна радост. Но меѓу длабоката радост и секуларната веселба постои разлика.”
Посетата во Светата Земја
„Не можеме да размислуваме за Рождеството Христово без Светата Земја. Пред 50 години Папата Павле VI имаше храброст да отиде таму, со што го означи почетокот на меѓународни патувања на Папите. Јас, исто така сакам да одам и да се сретнам со мојот брат, Цариградскиот патријарх Вартоломеј I и заедно да го прославиме овој јубилеј, обновувајќи ја братската прегратка меѓу Папата Монтини и Патријархот Атенагора во Ерусалим во 1964. Се подготвувам.”
Папата Фрањо марксист?
На прашањето дали се чувствува засегнат од обвинувањата на ултра конзервативните Американци кои го дефинираат како „марксист”, папата Фрањо одговара: „марксизмот како идеологија е погрешна. Познавам многу марксисти, кои како луѓе се добри, и затоа не се чувствувам навреден”. За силните зборови „економијата убива” кои ги користи Папата во неговата енциклика „Радоста на Евангелието”, тој објаснува: „Во документот нема ништо надвор од Социјалната наука на Црквата. Не зборувам од технички аспект, напротив се обидов да ги фотографирам случувањата. Цитатот кој влијае за тие теории е „благопријатното преливање”, според кое секој економски раст, поддржан од слободниот пазар, може да произведе сам по себе поголема праведност и социјално ангажирање во светот. Според таа теорија кога чашата ќе се преполни сиромашните ќе добијат нешто од тоа. Но се случува токму спротивното: кога ќе се преполни чашата, таа волшебно се проширува и ништо не се прелива за сиромашните. Повторувам, не зборувам како експерт, туку според Социјалната наука на Црквата. Тоа не значи дека сум марксист.“
Единството меѓу христијаните
На прашањето колку единството на христијаните е приоритет за него, Папата одговара: „За мене екуменизмот е приоритет. Денес постои екуменизам по крв . Во некои земји христијаните се убиваат, бидејќи носат крст или имаат Библија, но пред да ги убијат не ги прашуваат дали се англиканци, лутерани, католици или православни. Крвта е измешана. За убијците, сите ние сме христијани. Едни по крв, дури и ако меѓу нас сеуште не можеме да ги направиме потребните чекори кон единството и можеби уште не е зрело времето за тоа . Единството е благодат, кое треба да се измоли”.
Разведените и повторно во брак
По прашањето за односот на разведените и повторно во брак и светите Тајни, папата Фрањо не зазема позиција и наведува дека комплексната тема за семејството ќе биде дискутирана на вонредната Епископска синода во 2014. „Исклучувањето од заедништвото на разведените кои живеат во втора вонбрачна заедница, не е казна”, потсетува Папата, објаснувајќи дека за ова прашање не говорел во својата енциклика.
Црквата и политиката
Како треба да изгледа соодветниот однос меѓу Црквата и политиката, прашува новинарот Андреја Торниели: „Овој став треба да биде истовремено паралелно и кохерентно – одговара папата Фрањо. Паралелно, за да може секој да оди по својот пат со своите различни задачи. Кохерентен, за да биде од помош на народот. Кога овие односи се помират пред или без народот, тоа е почетокот на соживот со политичката власт што со време ја разградува Црквата: со одлуки и компромиси … Мора да се оди паралелно, секој на свој начин, задачи и повик. Согласност може да има само во името на општото добро. Политиката е благородна и една од највисоките форми на милосрдие, вели Павле VI. Таа станува валкана кога ние ја искористуваме за себе.
Жени кардинали?
На крајот папата Фрањо одговара на прашањето дали може да видиме во иднина жени – кардинали: „Жените во Црквата треба да бидат почитувани, а не “клерикализирани” – рече Папата. А кој мисли за жени – кардинали страда од клерикализам”.
РВ/го*ко