Папата во велигденска порака Urbi et Orbi – Градот и светот: Нека нè совлада Христовиот мир

Папата во велигденска порака Urbi et Orbi – Градот и светот: Нека нè совлада Христовиот мир

Обраќајќи му се на целиот свет во традиционалната велигденска порака на 17 април 2022 година, Папата повторно спомна на војната во Украина, земја измачена од долги конфликти и насилство и искушувана од социјалните тензии и драматични хуманитарни кризи; тој истакна дека мирот е примарна одговорност на сите.

Да дозволиме Христовиот мир да влезе во нашите животи, во нашите домови, во нашите земји – повика папата Фрањо во својата велигденска порака Urbi et Orbi – Градот и светот. Папата се појави во централната ложа на базиликата Свети Петар заедно со кардиналот Ренато Мартин и кардиналот Мајкл Черни, кои во последните недели двапати патуваа во Украина и во соседните земји, кои згрижуваат бегалци за да ја покажат близината на Црквата со украинскиот народ, изморен од руската воена агресија.

Христос воскресна

Папата ги повтори зборовите што Исус им ги упати на своите ученици: „Мир вам“, но овогодинешниот Велигден го нарече „воен Велигден“, бидејќи „гледаме премногу крв, премногу насилство“, и тешко е да се поверува дека „Исус навистина воскресна, дека навистина ја победи смртта“. Но, „Христос воскресна! Навистина воскресна! „Денес ни е потребен повеќе од кога било, на крајот на Великиот пост, кој се чини дека не сака да заврши – рече папата Фрањо.

Јасна е алузијата на ситуацијата во Украина, но мислите на Папата се однесуваат и на земјите каде што конфликтите траат со децении, на оние кои доживуваат драматична хуманитарна криза или сериозни проблеми. Сепак, имаше и две години пандемија. Беше време да излеземе заедно од тунелот, рака под рака, здружувајќи ги силите и ресурсите… Наместо тоа, покажуваме дека сè уште постои Каиновиот дух во нас кој го гледа Авел не како брат, туку како ривал и размислува како да го отстрани. Потребен ни е Воскреснатиот како би верувале во победата на љубовта, како би се надевале на помирување.

Мир за Украина

Раните на телото на Воскреснатиот Исус се знак на борбата што ја водеше за нас и во која победи со оружјето на љубовта, за да имаме мир, да бидеме во мир, да живееме во мир – рече Папата и повика на мир, осврнувајќи се на она што се случува во Источна Европа. Нека има мир во измачената Украина, толку тешко искушувана од насилството и уништувањето на суровата и бесмислена војна во која беше вовлечена. Нека над оваа страшна ноќ на страдање и смрт изгрее нова зора на надеж! Нека се избере мирот. Нека престанат да се покажува силата и моќта додека луѓето страдаат.

Бегалците, прогонетите, поделените семејства, осамените стари луѓе и сирачињате се во срцето на Папата

Повторувајќи дека сите ние треба да работиме заедно за мир и повикувајќи ги лидерите да го слушаат крикот на народот за мир, Папата рече дека има многу украински жртви во срцето, милиони бегалци и внатрешно раселени лица, разделени семејства, стари лица кои останаа сами, прекинати животи и разурнати градови. Во очите го имам погледот на деца кои останале сираци и бегаат од војната. Гледајќи ги, не можеме, а да не го слушнеме нивниот плач на болка, заедно со болката на многу други деца кои страдаат низ светот: оние кои умираат од глад или недостаток на грижа, оние кои се жртви на злоупотреба и насилство и оние на кои им е скратено правото да се родат.

Милосрдието нека ги победи себичноста и индивидуализмот

Сепак, тажен од сето она што се случува, Папата не ги заборава отворените врати на многуте семејства и заедници кои примаат мигранти и бегалци низ Европа. Нека овие големи дела на милосрдие станат благослов за нашите општества, понекогаш искривени од толку многу себичност и индивидуализам, и нека помогнат да бидат отворени за сите. Но, папата Фрањо се надева дека конфликтот во Европа ќе не потсети на други ситуации на напнатост, страдање и болка кои, како што рече, погодуваат премногу региони во светот кои не можеме и не сакаме да ги заборавиме.

Братството нека се живее на Блискиот Исток и во Ерусалим

Откако се осврна на неодамнешните настани, Папата во долга низа почна да ги набројува земјите на кои најмногу им е потребна молитва. Нека има мир на Блискиот Исток, со години ранети од поделби и конфликти. На овој славен ден се молиме за мир за Ерусалим и мир за оние кои го сакаат (сп. Псалм 121 [122]), христијаните, Евреите и муслиманите. Нека Израелците, Палестинците и сите жители на Светиот град, заедно со поклониците, ја искусат убавината на мирот, живеењето во братство и слободниот пристап до светите места во меѓусебно почитување на правата на секој од нив.

Мир за земјите измачени од тензии и насилство и за цела Африка

Папата продолжи да ги спомнува народите на Либан, Сирија и Ирак, а особено за сите христијански заедници кои живеат на Блискиот Исток. Нека има мир во Либија, за да може да најде стабилност по години напнатост, и во Јемен, кој страда од конфликт што сите го заборавија, со постојани жртви – рече тој, изразувајќи надеж дека примирјето потпишано во последните денови ќе ја врати надежта. Тој потоа повика на молитва за Мјанмар, каде што продолжува драматичното сценарио на омраза и насилство, како и за Авганистан, каде опасните општествени тензии не стивнуваат и каде драматична хуманитарна криза го измачува населението.

Папата потоа го прошири својот апел на цела Африка. Нека има мир на целиот африкански континент, со цел да се запре експлоатацијата на жртвите и крварењето предизвикано од терористичките напади – особено во Сахел – и нека најде конкретна поддршка во братството на народите. Нека Етиопија, погодена од сериозна хуманитарна криза, најде начин за дијалог и помирување и нека престане насилството во Демократска Република Конго. Нека не запираат молитвите и солидарноста за народите на истокот од Јужна Африка, погодени од разорните поплави.

Проблемите на американскиот континент

На крајот, Папата се помоли за Латинска Америка, каде што пандемијата ги влоши социјалните услови, кои веќе се влошени со случаи на криминал, насилство, корупција и трговија со дрога; и за патот на помирувањето што го оди Католичката црква во Канада со домородните народи.

Мирот е примарна одговорност на сите

Завршувајќи го својот говор, Папата повторно ја спомена војната и истакна дека секој конфликт со себе носи последици кои го опфаќаат целото човештво; од тагувања до драмата на бегалците, до економска и прехранбена криза. Но, во исто време ги поттикна сите да го гледаат Исус кој ја победи смртта и кој ни дава мир. Соочен со постојаните знаци на војна, како и со бројните болни порази во животот, Христос, победникот над гревот, стравот и смртта, нè поттикнува да не се предаваме на злото и насилството. Браќа и сестри, да дозволиме мирот Христов да нѐ победи! Мирот е можен, мирот е должност, мирот е примарна одговорност на сите – истакна на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот