Папата Фрањо во петок 12 ноември 2021 година го посети Асизи, градот на Свети Фрањо, каде по повод централната прослава на Светскиот ден на сиромашните, се сретна со 500 мажи и жени, сиромашни млади и стари, од Умбрија и Европа. Тој ги охрабри сите да не бидат рамнодушни кон децата кои се сведени на ропство или оставени на милост и немилост во морето по бродоломот и да престане насилството врз жените.
Жени третирани како стока за размена, деца сведени на ропство, изгладнети, семејства кои страдаат од социјални нееднаквости, невработени, жртви на лицемерието од оние кои мислат само како да се збогатат. Од Порциункула во Асизи, папата Фрањо побара од светот да дејствува за да ги „поправи“ животите на илјадници луѓе кои во време на поделби и очај се борат со различни облици на сиромаштија.
Време е повторно да им се даде збор на сиромашните, бидејќи нивните барања предолго не се слушаат – истакна Папата, гледајќи во 500 сиромашни лица собрани во црквата Света Марија од Ангелите. Имаше деца и постари, мажи и жени, Полјаци, Шпанци, Французи и Италијанци, а имаше и бездомници од Риека и со нив претставници на фрањевскиот световен ред од Трсат. Нивните животни приказни се различни, но имаат заедничка матрица: страдање и надеж за откупение.
На почетокот од својот говор, Папата им се обрати на присутните, заблагодарувајќи им се што ја прифатиле неговата покана да го прослават 5. Светски ден на сиромашни во Асизи и истакна дека идејата потекнува од нив; потоа се разви и сега сме тука – како што рече Петровиот наследник – на петтата прослава на тој ден. Благодарејќи на сите вклучени во одбележувањето на денот, Папата му се заблагодари и на кардинал Филипе Барбарин, поранешен надбискуп од Лион, кој пред неколку години беше изведен на суд под обвинение за прикривање на злоупотреби, но потоа беше дефинитивно ослободен од обвинението. Имено кардиналот е дојден во Асизи заедно со сиромашни од Франција. Тој е меѓу сиромашните – рече Папата гледајќи во него – и тој достоинствено го поднесе искуството на сиромаштијата. Напуштеност, недоверба и се бранеше со молчење и молитва, Му благодарам на кардинал Барбарин за неговото сведоштво кое ја гради Црквата.
Потсетувајќи на примерот на светецот чие име го зеде, Папата забележа дека присуството на сиромашните често се смета за пречка и се поднесува; понекогаш може да се слушне дека сиромашните се одговорни за сиромаштијата; тоа е уште една навреда – посочи тој и додаде: Вината ја префрламе на грбот на најслабите за да не извршиме сериозен испит на совеста за сопствените постапки, за неправдата на некои закони и економски мерки; испит на совеста за лицемерието на оние кои сакаат прекумерно да се збогатат.
Време е да ги отвориме очите за да ја видиме состојбата на нееднаквост во која живеат многу семејства. Време е да ги засукаме ракавите за да го вратиме достоинството со отворање работни места. Време е повторно да се соблазниме за реалноста на прегладнетите деца, сведени на ропство, оставени на милост и немилост во морето по бродоломот, невини жртви на секаков вид насилство.
Време е да се стави крај на насилството врз жените, да се почитуваат и да не се третираат како стока за размена. Време е да се прекине кругот на рамнодушност за повторно да се открие убавината на средбата и дијалогот. Време е за средба – истакна Папата. Тоа значи дека треба да одиме еден кон друг со отворени срца и раширени раце. Знаеме дека секој од нас има потреба од другиот и дека дури и слабоста, ако живееме заедно, може да стане силата што го прави светот подобар.
Треба да молиме – поттикна Светиот Отец. Како и свети Фрањо, на ова свето место сакаме да го молиме Господа да го слушне нашиот плач и да ни дојде на помош. Затоа што првата маргинализација поради која трпат сиромашните е духовната – рече папата Фрањо и ја пофали великодушноста на многу млади луѓе кои наоѓаат време да им помогнат на сиромашните и им носат храна и топли пијалоци; но најмногу се радува кога ќе слушне дека овие волонтери остануваат извесно време во разговор со луѓето, а понекогаш и се молат со нив.
Тоа се гестови на прифаќање, најевангелскиот израз кои сме повикани да го направиме свој. Понекогаш е доволна само една насмевка – рече тој, цитирајќи ги зборовите на Мајка Тереза. Онаму каде што има вистинско чувство за братство, постои и искрено искуство на прифаќање. Онаму каде што, напротив, има страв од другиот, презир кон неговиот живот, таму се раѓа одбивање.
Прифаќањето создава чувство на заедништво; додека одбивањето, напротив, затвора во сопствената себичност – рече тој и се осврна на претходно изнесените сведоштва на присутните, од кои произлегува – како што рече – силно чувство на надеж. Животот не бил секогаш нежен со вас, згора на тоа, често ви го покажувал суровото лице. Маргинализацијата, страдањето поради болест и осаменоста, недостатокот на многу неопходни средства не ве спречија со благодарни очи да гледате на ситниците кои ви помогнале да издржите.
Да се издржи значи да се има сила да се оди напред и покрај сѐ – истакна Папата. Тоа не е пасивно дејствување, напротив, значи да се најдат причини да не се предадеме на тешкотиите, знаејќи дека низ нив не поминуваме сами, туку заедно и дека само заедно можеме да ги надминеме. Затоа треба да се спротивставите на секое искушение за да не се занесете и да паднете во осаменост и тага. (…) Да го молиме Господ да ни помогне да ја претвориме нашата слабост во сила, за да можеме сиромаштијата да ја претвориме во богатство кое ќе го споделиме и на тој начин да го направиме светот подобар – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк