На 9-ти ноември, католичките епархии ширум светот ќе ги одбележат нивните локални „секојдневни светци“. Ова стои во писмото на папата Фрањо. Тој ги повика епископските конференции да развијат и да предложат пасторални упатства за да им оддадат почит на овие сведоци на верата кои не се прогласени за блажени или канонизирани.
„Во текот на литургиската година, Црквата јавно ги почитува светците и блажените на однапред одредени датуми и начини. Сепак, изгледа дека е важно сите партикуларни Цркви да го слават споменот на светците и блажените, како и чесните Божји слуги и слугинки на нивните територии во еден ден“, истакнува Папата во своето писмо од 16 ноември.
„Секој може да препознае во многу луѓе, кои ги сретнал на својот пат, сведоци на христијанските крепости на верата, надежта и љубовта“, стои во писмото на папата Фрањо до сите црковни заедници, кое Канцеларијата за печат на Светиот Престол го објави во сабота 16 ноември 2024 година. Затоа, од Светата јубилејна 2025 година, секоја година на 9 ноември, празникот на посветување на Латеранската базилика, ќе се спомнуваат извонредните верници, кои често во тишина во своите заедници го збогатуваат патот на верата.
Ден за секојдневните светци
Според папата Фрањо, тој не сака да воведе нов празник во литургискиот календар, туку сака да даде поттик на верниците за да се потсетат на оние луѓе кои ја обликувале духовноста во локалните цркви. Тоа може да се случи за време на литургијата, на пример во проповедта или надвор од неа. Папата побара од бискупските конференции да разработат и да предложат пасторални совети и упатства.
Светиот Отец потврдува дека светоста не е само плод на човечкиот напор, туку дека му дава простор на Божјото дело и дека тоа е универзален повик што е во сржта на учењето на Вториот ватикански собор. Како примери, тој ги наведе верните сопружници, мажи и жени кои ги издржуваат своите семејства во различни професии, млади луѓе кои со ентузијазам го следат Исус, свештеници, посветени жени и мажи кои се пример за нивниот живот на вера. Не треба да се заборават сиромашните, болните и страдалниците, кои во својата слабост наоѓаат поддршка во Бога.
Кои се секојдневните светци?
Папата Фрањо често зборува за секојдневните светци. Црквата отсекогаш била богата со нив. Во своето писмо, тој се осврнува на таквите примери на верата како „наши пријатели, другари кои ни помогнале целосно да го реализираме нашиот крштелен повик и да ни го покажат најубавото лице на Црквата, која е света и мајка на светците“.
Ватикан њуз/к.мк