Бискупот Стојанов во Рим се обрати на конференција посветена на Света Мајка Тереза

Бискупот Стојанов во Рим се обрати на конференција посветена на Света Мајка Тереза

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов на 14 ноември 2023 година учествуваше на Конференција во чест на Мајка Тереза, под наслов „Мајка Тереза – секогаш жива порака“, која се одржа во црквата Сvета Марија од Портико во Кампители – Рим. Конференцијата ја организира Амбасадата на Република Македонија во Светиот Престол, во соработка со Организацискиот одбор на Меѓународната конференција „Жените во црквата: креатори на човештвото“. Пред конференцијата во црквата кардинал Анџело Комастри служеше света Литургија, на која сослужуваше и бискупот Стојанов.

На почетокот од своето обраќање бискупот Стојанов истакна дека се чувствува и привилегиран и горд, како бискуп на Скопска бискупија, да зборува за својата парохјанка, затоа што од месната Црква, од овие простори, како што тоа го прави низ вековите, повторно дарува светица која го менува светот, како што претходно тоа беа Светите Кирил и Методиј, свети Климент и Наум и додаде дека тоа поднебје знае на Европа и светот да му дарува големи светци, кои ги менуваат тековите на историјата и општествата.

Епископот Стојанов истакна дека Скопје и културниот контекст во кој се роди и живееше како дете Мајка Тереза ја оформи и ја подготви да биде отворена за сите луѓе, без разлика на националната, верската или било која друга определба и додаде: „Можеме само да си замислиме и да си претпоставиме како Мајка Тереза во Скопје пред 100-тина години си игра во влашко маало и истрчува со некои нејзини православни другарки до еврејско мало, а потоа го слуша повикот за молитва од некоја околна скопска џамија и брза на веронаука во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, кај оците Исусовци.“

Бискупот се осврна и на канонизацијата на светицата од Скопје како Света Мајка Тереза од Калкута и рече дека тоа потполно одговора на нејзиниот живот кој го помина во служење, најмногу и токму во Калкута. Истакнувајќи дека Скопје беше недоволен за нејзината личност и бараше нешто повеќе за она што Бог во неа го формираше, потенцирајќи дека со ова Скопје не стана нешто помалку, туку напротив се збогати.

Од тука бискупот Стојанов рече: „Не можеме и не ни е дозволено тесноградо да ја присвојуваме само за себе и не смееме да ѝ наметнуваме титули, и да зборуваме за неа само како хуманитарка, нешто што го одзема она што таа првенствено навистина е – католичка монахиња, која без нејзината духовност и „повик во повик“, без верата во Христа и Неговиот глас „жеден сум“ никогаш не би била тоа што сега е: Светица на Црквата. А потоа доаѓа сѐ друго!“

Зборувајќи за тоа како Мајка Тереза го промени светот, бискупот Стојанов истакна дека за да се случат одредени промени во општеството, потребни се протести, програми, реформи, финансии, ресурси, а некогаш, за жал, за промени во општеството се користи и оружје, како што се случува сега во светот. А Мајка Тереза немаше ништо од тоа. А не ѝ ниту требаше, затоа што таа имаше вера, го имаше Христос, имаше сѐ – истакна бискупот Стојанов – додавајќи дека таа го промени светот со служење и молитва, со личен пример свртувајќи го вниманието кон сиромашните, на нивната вредност и достоинство, посебно во културниот контекст на истокот.

Во продолжение бискупот Стојанов истакна дека со нејзниот живот, нејзиното служење и дело е оставштина што продолжува да го менува светот и животите на многу луѓе, дури и деценции по нејзината смрт и најверојатно ќе продолжи да вдахновува уште многу генерации. Ги менува животите на илјадници луѓе кои преку служењето на нејзините повеќе од 5.000 сестри во скоро 140 држави во светот, ја чувствуваат нежната љубов Божја.

Бискупот Стојанов покрај пожртвуваноста и грижата на Света Мајка Тереза за материјално сиромашните, истакна дека таа сериозно го сфатила и одговорила и на новите облици на сиромаштво, за кои нѐ прави уште повеќе свесни, гледајќи го денешниот менталитет на живеење, посебно во западноевропските земји. За неа потешко од материјалното сиромаштво е она „длабоко чувство дека некој не е посакуван, дека не е љубен, незгрижен. Страдањето кое произлегува од недостаток на љубов е поболно од материјалното сиромаштво – рече монсињор Стојанов.

Истакнувајќи дека Црквата отсекогаш ги става сиромашните во центар, додаде дека и денес во времето на глобализација и конзумеризам мора да продолжи да стои на страна на сиромашните, отфрлените и маргинализираните, а посебно за новите форми на сиромаштво, за кои напоменува и самата Света Мајка Тереза. Бискупот Стојанов лично смета дека Мајка Тереза со нејзиното служење и конкретен пример и папата Фрањо со својот научителски авторитет, но и личен пример, еден на друг се надоврзуваат и веќе јасно го оцртаа правецот во кој Црквата во иднина ќе треба да продолжи да оди уште поизразено.

Монсињор Стојанов своето обраќање го заврши со зборовите: И за крај кога зборуваме како Мајка Тереза го промени светот, таа ни дава одговорот што треба да направиме. Во една прилика ја прашале: Што треба да се промени во Црквата? Ова прашање би го прошириле и би додале уште: Што треба да се промени во светот? Најверојатно одговорот на Мајка Тереза и денес би гласел како и тогаш: Треба да се промениме јас и ти! Многумина сонуваат да го променат светот, но само многу малку избраа да дејствуваат како неа. И уште помалку имаат храброст да живеат и работат и служат како оваа скромна жена, Скопјанката од Калкута, Света Мајка Тереза – рече тој на крајот од своето обраќање.

Покрај бискупот Стојанов на присутните им се обратија и кардинал Анџело Комастри, Марија Ефремова амбасадорка на Македонија во Светиот Престол, професор Јасминка Миронски, уметникот професор Мифтар Мемети, чиј дела од Мајка Тереза беа изложени во црквата.

На конференцијата присуствуваа професор Фермина Алварез, претставник на Организациониот комитет на меѓународната конференција „Жените во црквата: креатори на човештвото“, Фатмире Исаки, заменик министер за надворешни работи на Република Македонија и многу други почитувачи на делото на Скопјанката Света Мајка Тереза.

Ватикан нуз/к.мк

повеќе фотографии на Facebook

Категорија: Вести, Македонија

За авторот