Папата: Венеција, земја која ги прави луѓето браќа

Папата: Венеција, земја која ги прави луѓето браќа

На крајот од посетата на Венеција, папата Фрањо служеше света Литургија на плоштадот Свети Марко во присуство на околу 10.500 верници. Во својата проповед, тој ги охрабри христијаните да ги носат плодовите на правдата и солидарноста и внимателните одлуки за заштита на животната средина и човечкото наследство: „Нека заедниците, населбите, градовите станат пријатни, гостопримливи, инклузивни места“. Донесуваме целосен превод на проповедта

Исус е лозата, а ние сме прачките. А Бог, милостивиот и добар Отец, соработува со нас како трпелив земјоделец за да имаме животот полн со плодови. Затоа Исус ни препорачува да го чуваме овој бесценет дар, а тоа е поврзаноста со него, од која зависи нашиот живот и нашата плодност. Тој упорно повторува: „Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас.“ […] Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене“ (Iван 15,4). Само оние што остануваат соединети со Исус даваат плод. Да размислиме за тоа.

Исус е при крај на своето земско послание. На Последната вечера со оние што ќе бидат негови апостоли, заедно со Евхаристијата им дава и неколку клучни зборови. Еден од нив е токму ова: „бидете со Мене“, односно  одржувај жив однос со мене, остани со мене соединет како прачката со лозата. Користејќи ја таа слика, Исус презема библиска метафора која народот добро ја знаел и со која се сретнувал во молитвата, како во псалмот кој вели: „Боже на силите! Сврти се, погледај од небесата и види го и посети го ова лозје“ (Псалм 79,14). Израел е лозјето кое Господ го засади и го чува. А кога народот не донесува плодови на љубов што Господ ги очекува, пророкот Исаија го изговара обвинението користејќи ја параболата за работникот кој го обработувал своето лозје, го исчистил од камења и засадил лоза во него очекувајќи да даде добро вино, но наместо тоа дава само оцет. И пророкот заклучува: „Лозјето на Господа Саваот е домот Израилев, а луѓето на Јуда – Негова љубена градина. И чека Он правосудие, но ете – крвопролевање; чека правда, а ете – пискот“ (Исаија 5,7). Самиот Исус, потпирајќи се на пророкот Исаија, донесува драматична парабола за лозарите убијци, нагласувајќи ја разликата помеѓу трпеливото Божјо дело и отфрлањето на неговиот народ (сп. Матеј 21,33-44).

Така, метафората за лозата, иако ја изразува Божја грижа за нас полна со љубов, од друга страна е опомена и предупредување, нè предупредува ако ја прекинеме врската со Господ, не можеме да донесеме плодови на добар живот, а ние самите ризикуваме да станеме суви гранки, кои се фрлаат. Грдо е, да бидеме суви гранки, гранки што се фрлаат.

Браќа и сестри, врз основа на сликата што ја користел Исус, мислам и на долгата историја што ја поврзува Венеција со работата во лозјата и производството на вино, грижата за многу винари и многуте лозја изградени на островите во Лагуна и во градините меѓу градските улици, како и лозјата на монашките заедници каде се произведувало вино за нивните заедници. Во тоа сеќавање не е тешко да се сфати пораката од параболата за прачките и лозите: верата во Исус, врската со него не ни ја ограничува слободата, туку, напротив, ни отвора да го прифатиме Божјиот сок на љубовта, кој ја умножува радоста, се грижи за нас со грижа на добар винар и дозволува никулците да растат дури и кога почвата на нашиот живот ќе се исуши. А нашето срце многу пати станува суво.

Но, метафората што произлезе од Исусовото срце може да се толкува и со размислување за овој град изграден на вода, кој поради својата уникатност е препознаен како едно од најсугестивните места во светот. Венеција е едно со водите на кои стои и без грижата и заштитата на оваа природна средина, би можела и да престане да постои. Така е и со нашиот живот: и ние отсекогаш сме потопени во изворите на Божјата љубов, препородени во крштевањето, преродени со вода и Светиот Дух во нов живот и накалемени на Христа како винова прачка на лозата. Во нас тече сокот од таа љубов, без која стануваме суви гранки кои не даваат плод. Блажениот Иван Павле I, кога беше патријарх на овој град, во една прилика рече дека Исус „дојде да им донесе на луѓето вечен живот […]. Тој живот е во него и преминува од него на неговите ученици, како што сокот тече од стеблото до гранките на лозата. Тоа е свежа вода што Тој ја дава, неисцрпен извор“ (А. Луцијани, Венеција 1975-1976. Opera Omnia. Discorsi, scritti, articoli , том. VII, Падова 2011, 158).

Браќа и сестри, ова е важно: да останете во Господа, да живеете во него. И тој глагол – остане – не треба да се толкува како нешто статично, како да сака да ни каже да останеме запрени, заглавени во пасивност. Нè повикува, всушност, да се придвижиме, бидејќи да бидеме во Господ значи да растеме во однос со него, да разговараме со него, да го прифаќаме неговото Слово, да го следиме на патот кон Царството Божјо. Станува збор да одиме со Него, да одговориме на предизвикот на Неговото Евангелието и да бидеме сведоци на неговата љубов.

Затоа Исус вели дека секој што останува во него дава плод. И не било какво плод! Плодот на лозите во кои тече сокот е грозјето, а од грозјето доаѓа виното, кое е месијански знак во вистинска смисла на зборот. Исус, имено, Месијата испратен од Отецот, го внесува виното на Божјата љубов во човечкото срце и го исполнува со радост и надеж.

Драги браќа и сестри, ова е плодот на кој сме повикани да го донесеме во нашите животи, во нашите односи, во местата што ги посетуваме секојдневно, во нашето општество. Ако го погледнеме овој град Венеција денес, се восхитуваме на неговата волшебна убавина, но сме загрижени и за многуте проблеми што му се закануваат, како што се климатските промени, кои влијаат на водите на Лагуната и на целата територија; кревкоста на зградите, културните добра, но и слабоста на луѓето; тешкотии да се создаде средина која е на човечко ниво преку правилно управување со туризмот; како и, во исто време, сето она што овие реалности ризикуваат да го донесат со себе во смисла на нарушени општествени односи, индивидуализам и осаменост.

А ние христијаните, кои сме лоза соединети со лозата, Божјото лозје кој се грижи за човештвото и кој го создаде светот како градина за да можеме да цветаме во него и да го направиме бујно, како одговараме? Останувајќи соединети со Христа, ќе можеме да ги донесеме плодовите на Евангелието во реалноста во која живееме: плодови на правда и мир, плодови на солидарност и взаемна грижа; одлуки кои одразуваат внимание на зачувувањето на еколошкото, но и духовното наследство: неопходно е нашите христијански заедници, нашите градски населби, нашите градови, да станат гостопримливи, инклузивни места. А Венеција, која отсекогаш била место на средби и културни размени, е повикана да биде знак на убавина достапна за секого, почнувајќи од најмалите, знак на братство и грижа за нашиот заеднички дом. Венеција, земја која ги прави луѓето браќа. Ви благодарам!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот