Папата: Великиот пост е време повторно да почнеме да дишиме

Папата: Великиот пост е време повторно да почнеме да дишиме

Великиот пост е време во кое сме повикани да кажеме „не“: „не“ на „молитвата која ја смирува нашата совест; „не“ на милостињата која нѐ прави самите да сме задоволни; „не“ на постот од кој се чувствуваме добро“ – истакна папата Фрањо на светата Литургија за Пепелница, во базиликата Светa Сабина.

Светиот Отец својата проповед ја започна цитирајќи ги зборовите на пророкот Јоил од првото литургиско читање: „Обрнете се кон Мене од сѐ срце… Обрнете се кон Господа“ (Јоил 2, 12-13). Никој не треба да се чувствува исклучен – продолжи Папата – „Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старците, соберете ги децата и цицалчињата; нека излезе младоженецот од својата одаја и невестата од својата горна одаја“ (2, 16) Сите верни се повикани да се вратат и да го слават својот Бог, „зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува за злото“ (2, 13)

Великиот пост – рече папата Фрањо – е пат кој „води кон триумф на милосрдието над сѐ што би нѐ здробило или би нѐ сведело на нешто што не е вредно за нашето достоинство како деца Божји.“ Папата зборуваше и за значењето на попрскувањето со пепел: пепелот нѐ потсетува на нашето потекло дека сме прав; но – продолжи Папата – пепелта исто така нѐ потсетува дека Бог во секој од нас вдахнал живот. „Духот на Божјиот живот,“ рече Светиот Отец, „нѐ спасува од инертноста која ја потиснува нашата вера, ја лади нашата љубов, ја убива нашата надеж.“

Папата рече дека Великиот пост е време во кое сме повикани да кажеме „не“: „не“ на духовната инертност“ која предизвикува рамнодушност; „не“ на „отровното загадување со празни и бесмислени зборови,“ „не“ на молитвата која ја смирува нашата совест; „не“ на милостињата која нѐ прави да сме задоволни самите со себе; „не“ на постот од кој се чувствуваме добро,“ „не“ на сите облици на исклучување.

Но, Великиот пост е и време за присетување, време „за размислување и за преиспитување што би било со нас ако Бог ни ја затвореше својата врата.“ Исто така станува збор за време во кое се прашуваме што би било со нас, да немало толку луѓе кои ни помогнале на нашиот пат.

„Великиот пост е време за повторно да почнеме да „дишиме“, рече Светиот Отец.“ „Тоа е време да ги отвориме нашите срца за здивот на Единствениот Кој е способен нашиот прав да го претвори во човечност (…) Станува збор за времето во кое сме повикани во својот живот да направиме место за целото добро кое можеме да го направиме. Тоа е време во кое на страна оставаме сѐ што нѐ изолира и парализира. Тоа е време на сочувствување кога заедно со псалмистот можеме да кажеме: „Врати ми ја радоста, спасувајќи ме и со Својот моќен Дух зацврсти ме“ за да можеме со својот живот да ја навестуваме похвалата твоја, а нашиот прав со силата на твојот здив за живот стане прав на љубовта,“ рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот