Ангел Господов: Словото Божјо го исполнува нашето секојдневие со Бога

Ангел Господов: Словото Божјо го исполнува нашето секојдневие со Бога

Во неделата посветена на размислувањето и славењето на Словото Божјо, папата Фрањо во пладневното обраќање ја истакна неговата важност, кое живо и делотворно осветлува, утешува и воведува ред во нашите животи. Но, тоа е и светилник што го води синодалниот пат започнат во Црквата. Слушањето и фамилизирањето со него ќе ни донесе новост и радост Божја.

Во своето пладневно обраќање за време на молитвата Ангел Господов во недела 23 јануари 2022 година Папата Фрањо посебно се задржа на зборот „денес“, кој е клучниот збор во делот од Евангелието по Лука од денешната Литургија. Зборува за тоа дека Исус почнал да проповеда во синагогата во Назарет, каде што пораснал. Откако прочитал пасус од Книгата на пророкот Исаија кој го најавува доаѓањето на Месијата, тој на крајот ќе каже: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.”

Да се задржиме на тоа „денес“. Ова е првиот збор од проповедта на Исус што го пренесува Евангелието по Лука – рече Папата. Го изговорил Господ и означува „денес“ што ги надминува сите времиња и има трајна вредност. Словото Божјо е секогаш „денес“. Кога го читате Божјото Слово, ако добро го разбирате во вашата душа, тоа започнува „денес“. Пророштвото на Исаија датира со векови наназад, но Исус со „силата на Духот“ го прави релевантен и, пред сè, го исполнува и го покажува начинот како да се прими Божјото Слово. Не како некоја стара историја, не; ‘денес’. Денес зборува на твоето срце“, рече Папата. Затоа, Исус „денес“ е пророштвото, неговото актуелизирање и неговото исполнување, но не само тоа.

Проповедањето без Дух завршува со морализам

Папата зборуваше и за Исусовото „денес“, што е она што го оживува неговиот збор и ги советува проповедниците и навестителите на евангелието да не држат добро направени говори, кои не можат да ја допрат душата. Во синагогата, Исусовите сожители биле трогнати од неговите зборови; почувствуваа дека во него има „нешто повеќе“ – забележа Папата и објасни: Тоа е помазанието на Светиот Дух, силата на Духот, која на проповедта и дава сила, која го придвижува срцето, додека многу проповеди се апстрактни и наместо да ја разбудат душата, ја заспиваат.

Во проповедањето секогаш постои опасноста да се проповеда без помазание на Духот што го осиромашува Божјото Слово и завршува со морализам и апстрактни поими; Евангелието да се прикаже оддалечено, како да е надвор од времето, далеку од реалноста, а тоа не е патот. Словото во кое не тропа силата на она „денес“ не е достоен за Исус и не им помага во животите на луѓето. Затоа, кој проповеда, ве молам, е прв кој треба да го доживее тоа Исусово „денес“ за да може да го пренесе „денес“ на другите.

Имено, Словото Божјо е живо и делотворно, нè менува, навлегува во нашите животи, го осветлува нашето секојдневие, утешува и воведува ред. Да го запаметиме ова: Словото Божјо секој ден се претвора во „денес“ во кое Бог ни зборува – рече Папата.

Евангелието му зборува на секој од нас

Второто „денес“ за кое зборуваше Папата е она нашето од секојдневниот живот, во кој Божјото Слово влегува и зборува. Ако читаме по една страница од Евангелието секој ден, со текот на времето – според Папата – ќе откриеме како овие зборови се создадени само за нас, за нашите животи. Тоа ќе ни помогне да го прифатиме секој ден со подобар, помирен поглед, затоа што кога евангелието „денес“ влегува нѐ исполнува со Бога. Зошто, тогаш, да не читаме по еден мал дел од Евангелието секој ден – предложи папата Фрањо за неделите во оваа литургиска година во која се чита Евангелието по Лука. Читајте и препрочитајте, за да го запознаете. Тоа ќе ни ја донесе новоста и радоста Божја!

Словото Божјо – светилник на Синодалниот пат

Божјото Слово е исто така светилник кој води по синодалниот пат започнат во целата Црква. Додека се ангажираме да се слушаме еден со друг, внимателно и проникливо, да го слушаме Словото Божјо и Светиот Дух. И Богородица да ни го подари дарот на истрајност за секој ден да се храниме со Евангелието – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот