Во пораката објавена преку неговиот профил на платформата Х, папата Фрањо го нагласи меѓугенерацискиот дијалог како многу потребна основа за да ја запознаеме убавината на животот. Тоа го направи неколку дена пред литургискиот спомен-ден на светите Јоаким и Ана, 26 јули и Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица, кој се празнува во недела на 28 јули. Ова се посебни датуми за паметење, е едно од размислувањата на Папата за постарите лица.
Потребен ни е нов сојуз меѓу младите и старите лица, за да може лимфата на оние кои зад себе имаат долго животно искуство да го впие семето на надежта на оние кои растат. Така ја учиме убавината на животот и создаваме братско општество – порача папата Фрањо преку својот профил @Pontifex на платформата Х, во пресрет на два важни датуми: литургискиот споменден, 26 јули, на Јоаким и Ана светите родители на Пресвета Богородица и Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица, кој се одбележува во недела на 28 јули.
Исусовите баба и дедо
Според тоа, петок, 26 јули, се одбележува споменот на бабата и дедото на Исус. Светиот папа Павле V. тој ги поврзал дедото и бабата на Исус на ист празник, во 1969 година при реформата на новиот литургиски календар. Претходно, тие беа споменувани во различни денови. Споменденот на света Ана се празнувал истиот ден како и денеска, додека споменот на свети Јоаким се празнувал на 16 август.
Светите Јоаким и Ана – рече папата Фрањо во пладневното обраќање на 26 јули 2013 година, за време на неговото апостолско патување во Рио де Жанеиро – се дел од долгиот синџир што ја пренесе верата и љубовта кон Бога, во топлината на семејството, до Марија која е во својата утроба го прими Синот Божји и го даде на светот, а таа ни го даде нам. Скапоцената вредност на семејството како привилегирано место на пренесување на верата е поврзана со нивниот дом – додаде Папата.
Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица
Темата што папата Фрањо ја избра оваа година за Светскиот ден на бабите и дедовците и старите лица, гласи: „Не ме оставај во старост“ (сп. Псалм 70,9), и сака да укаже дека осаменоста за жал е, горчлив придружник во животот на многу постари луѓе кои често се жртви на културата на отфрлање. Во годината на подготовка за јубилејот, која Светиот Отец реши да го посвети на молитвата, темата на денот посветен на старите е преземена од Псалм 70, од призивот на еден постар човек кој потсетува на историјата на своето пријателство со Бога.
Празнувањето на тој ден, валоризирајќи ги харизмите на бабите и дедовците и постарите и нивниот придонес во животот на Црквата, сака да поттикне ангажирање на секоја црковна заедница во градењето на меѓугенерациските врски и во борбата против осаменоста, свесни дека – како што вели Светото Писмото – „не е добро човек да биде сам“ (1. Мојсеева 2:18). Во својата порака за овогодинешниот 4. Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, Папата нагласува дека Бог никогаш не ги напушта своите деца. Тој не отфрла ниту еден камен, згора на тоа, „најстарите“ се сигурна основа врз која можат да се изградат „новите“ камења за да се изгради заедно духовна зграда.
Иван Павле I: Да мислиме на срцето на нашите постари лица
Папите во неколку пригоди се осврнаа на улогата на постарите во општеството. Затоа, да се потсетиме на некои нивни размислувања.
За време на Генерална аудиенција на 6 септември 1978 година, папата Иван Павле I се присети на еден настан поврзан со неговата епископска служба. Тој раскажа дека како епископ на Венеција, понекогаш одел да ги посетува луѓето во домот за стари лица. Така, еднаш една болна старица му се пожалила дека и покрај тоа што ништо не и недостасува, таа е несреќна затоа што синот, снаата и внуците никогаш не доаѓаат да ја посетат, а имала желба да ги види нејзините внуци. Топлина и храна не се доволни, постои и срце; мора да мислиме и на срцето на нашите постари. Господ вели дека родителите треба да се почитуваат и да се сакаат, дури и кога стареат – нагласи Иван Павле Први.
Иван Павле II: Привилегија е да се биде стар
Дури и последните периоди од животот се полни со вредности, смисла и достоинство. Во говорот упатен до група постари луѓе на 23 март 1984 година, Иван Павле II истакна дека да се биде стар е привилегија:
Вие, драги браќа и сестри, станавте дел од категоријата на стари лица, која ја сочинуваат мажи и жени од сите општествени слоеви и сите нивоа на култура. На тој начин, откако ќе се избришат површните разлики, се збратимуваме во сопственото достоинство како личности. Влегувањето во третата доба од животот треба да се смета за привилегија: не само затоа што не секој има среќа да ја достигне таа цел, туку и, пред сè, затоа што тоа е период на конкретни можности да се погледне повнимателно во минатото, длабоко да се запознаеме и да ја живееме тајната на Воскресението и да станеме пример во Црквата за сиот Божји народ.
Бенедикт XVI: Мудроста на старите е богатството
Прифаќањето на старите значи прифаќање на животот. Ова го истакна папата Бенедикт XVI при неговата посета на куќата „Да живеат постарите“ на 12 ноември 2012 година.
Во Библијата, долговечноста се смета за благослов од Бога; денес тој благослов се прошири и треба да го гледаме како дар кој треба да се цени и вреднува. Меѓутоа, општеството, во кое доминира логиката на ефикасност и профит, често не го прифаќа како такво; згора на тоа, често го отфрла, сметајќи ги постарите непродуктивни, бескорисни. Често ги чувствуваме страдањата на оние кои се маргинализирани, кои живеат далеку од својот дом или се сами. Мислам дека треба да работиме со поголемо ангажирање, почнувајќи од семејствата и јавните институции, за да им овозможиме на старите лица да останат во својот дом. Животната мудрост што ја носиме е големо богатство. Квалитетот на општеството, би рекол цивилизациски, се оценува според тоа како се третираат постарите и по тоа кое место им е резервирано во заедничкиот живот. Кој прави место за постарите, остава простор за живот! Кој ги прифаќа постарите, го прифаќа животот!
Во нашето општество, кое е сè повеќе погодено од културата на отфрлање, постарите често се оставаат настрана, напуштени во самотија. Сепак, не недостасуваат оние кои ги користат нивните слабости. Многу луѓе во таканаречената трета доба се жртви на измама. Нивниот боелн плач, исто така ослабен од искуството на болеста, често не се слуша. Сепак, токму овие стари и кревки камења – како што нè потсетува папата Фрањо – се темелот на кој почива иднината на општеството.
Ватикан њуз/к.мк