Примајќи ги членовите на Папскиот северноамерикански завод, Светиот Отец истакна дека на луѓето денес им се потребни свештеници кои се способни да бидат присутни и сочувствителни за да ги слушаат и повторно во нив да ја разгорат Христовата надеж.
Дијалог, заедништво и послание – тоа се три суштински фактори за свештеничката формација. Папата Фрањо ги предупреди за овие фактори членовите на Папскиот северноамерикански завод, кои ги прими во Ватикан во сабота 14 јануари 2023 година, а посебно кандидатите за свештеници кои живеат во Рим поради нивното искуство на студирање и расудување во верата.
Дојди и види
Повторно Евангелието е водечка нишка во размислувањето на Папата. Средбата меѓу Исус и учениците кои прво Го бараат, а потоа Го испрашуваат, Го следат, остануваат со Него и на крајот ги привлекуваат другите со своето сведоштво. Тие започнуваат разговор со Господ, сакаат да го запознаат. А Учителот им одговори „Дојди и види“.
Во текот на животот, а посебно во ова време на формација во семинаријата, Господ влегува во личен разговор со тебе, прашувајќи те „што бараш“ и те поканува „дојди и види“, да разговараш со него отворајќи го своето срце и подарувајќи му се со доверба во вера и љубов.
Во однос со Исус
Римскиот бискуп ги поттикна да негуваат секојдневен однос со Исус, зајакнувајќи го со молитва, размислување на Словото, духовна придружба и тивко слушање пред дарохранителницата.
Навистина, токму во тие моменти на близок однос со Господ можеме подобро да го слушаме неговиот глас и да откриеме како великодушно и сесрдно да му служиме на Него и на неговиот народ.
Остани со Господ
Од слушање до заедништво, кое се постигнува останувајќи со Господа за да можеме да научиме од неговите зборови и гестови она за што го испрати Отецот да навести. Светиот Отец истакна дека свештеничкиот пат бара постојано општење со Бога, но и со Црквата, заедница соединета во телото Христово.
Ве поттикнувам да обрнете внимание, како на таинството за единството на Црквата, која се покажува во оправданата различност, но која се живее во единство на верата, така и на пророчкото сведоштво на љубовта дека Црквата, посебно овде во Рим, се покажува преку нејзините конкретни чинови на споделување и помагање на оние во најголема потреба.
Таквите искуства на братска љубов – објасни Папата – нè прават способни да го видиме Бога во секој човек и затоа да ја сфатиме светата големина на ближниот и да ги поднесеме тешкотиите на животот во заедница.
Сведоци кои привлекуваат
Од дијалогот и заедништвото со Исус произлегува посланието. Учениците, имено, штотуку повикани, одат да привлечат други со нивното сведоштво – истакна Папата.
Секој пат кога Исус повикува мажи и жени, тој секогаш го прави тоа за да ги испрати посебно до најранливите и оние на маргините на општеството, на кои не само што сме повикани да им служиме, туку и од кои можеме да научиме многу. На луѓето им требаме денес да ги слушаме нивните прашања, нивните грижи и нивните соништа, за да можеме подобро да ги придружуваме до Господ, кој повторно ја буди надежта и го обновува животот на сите луѓе.
Затоа – рече на крајот папата Фрањо – во остварувањето на делата на милосрдието, преку разни образовни и добротворни апостолати, свештениците и семинаристите се повикани да бидат знаци на Црквата која излегува, способни да го споделат Исусовото присуство, сочувство и љубов.
Ватикан њуз/к.мк