Бог својата љубов и добрина кон нас не ја условува со преобраќање, туку нашето преобраќање е последица на неговата љубов – истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција на 14 јуни 2017 година на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи ја со тоа серијата катехези за христијанската надеж.
Во нашите размислувања за христијанската надеж, откривме дека изворот на надежта е Божјата безусловна љубов која ни се покажа со доаѓањето на неговиот Син Исус Христос и преку дарот на Светиот Дух – рече Папата.
Никој од нас не може да живее без љубов – предупреди Светиот Отец. Но многу луѓе денес веруваат дека љубовта треба да се заслужи и тоа е можниот извор на за вознемиреноста и маката на голем дел од современиот човек. Луѓето градат надворешна фасада, сакаат да бидат силни, привлечни и убави за да добијат од другите почитување и признание. Но, таа купена наклонетост не ги прави среќни, туку остава празнина во нивната внатрешност и ги заробува – рече Папата.
Многу проблеми на нарцисоидноста или насилството – продолжи папата Фрањо – произлегуваат токму од фактот дека луѓето не се чувствуваат сакани, ниту прифатени. Нема непослушни деца, како што нема целосно расипани тинејџери, туку постојат несреќни луѓе – рече Папата и додаде: Што може да нѐ направи среќни ако не искуството на дарувана и примена љубов?
Светиот Отец истакна како верата нѐ учи дека Бог е тој кој го прави првиот чекор, за да нѐ љуби со бесконечна љубов и тоа не затоа што сме го тоа заслужиле, туку затоа што Тој Самиот е Љубов. Дури и кога ќе заталкаме од Него, Бог како милосрдниот татко од параболата за блудниот син ни простува и нѐ прегрнува – рече папата Фрањо и продолжи: Бог својата љубов не ја условува со нашето преобраќање. Поточно важи обратното: нашето преобраќање е последица на Божјата љубов. Свети Павле во своето Послание до Римјаните нѐ потсетува дека „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Рим 5, 8)
Папата истакна дека Бог нѐ љуби како татко или мајка. На пример, мајката не бара да се исполни човечката правда кога нејзиниот син ќе направи злосторство и заврши во затвор, затоа што секоја грешка бара откупување, но таа не престанува да страда за својот син. Таа го сака дури и ако е грешник и скренал од правиот пат. На тој начин нѐ љуби и Бог. И никој не е иземен од неговата љубов – нагласи папата Фрањо и продолжи: Бог во нас ја втиснува почетната убавина која никаков грев, никаков погрешен избор не може целосно да ја избрише. Преку милоста сме примени во односот на љубовта која го поврзува Бог Отецот со неговиот Син преку Светиот Дух. Во Исус Христос сме посакувани, сакани и љубени – рече Светиот Отец.
А со кој лек може да се промени срцето на несреќниот човек? – праша Папата. Одговорот е љубовта. Љубовта ја повикува љубовта на посилен начин, отколку што омразата ја повикува смртта. Исус не умре и воскресна за себе самиот, туку за нас за да ни бидат простени гревовите. Затоа е време на воскресение за сите луѓе: време сиромашните да се подигнат од обесхрабреноста, посебно оние кои во гробот престојувале повеќе од три дена. Овде сега дува ветрот на ослободувањето, р’ти дарот на надежта. А надежта е таа дека Бог Отецот сите нас нѐ љуби онакви какви што сме – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк