Господовите мерила се поинакви од нашите.
Бог е на страната на последните – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, на 11 ноември 2018 година, осврнувајќи се на Евангелието за денешната света Литургија (Марко 12, 38-44) со кое завршува серијата Исусови поуки во ерусалимскиот храм и кое истакнува две спротивставени групи: книжниците и вдовицата.
Првата ги претставува важните, богатите и влијателните луѓе, а втората сиромашните и слабите – рече Папата и напомена: Всушност одлучната Исусова пресуда за книжниците не се однесувала на целата група на тие луѓе, туку на оние меѓу нив кои се расфрлале со својата општествена положба и се украсувале со насловот „раби“ што значи учител и кои сакале да бидат почитувани и да ги заземаат првите места (Матеј 12, 38-39). Уште полошо е што нивното фалење било од верска природа.
Сакале долги молитви за да ги видат (Марко 12, 40) и се служиле со Бог за себе да се истакнат како веродостојни бранители на Неговиот закон – рече Светиот Отец и нагласи: Тој став на надмоќност и празнина ги водел до презирање на оние кои малку вределе и биле во неповолна материјална положба како што се вдовиците. Исус го разоткрил тој расипан начин на однесување. Го осудил угнетувањето на послабите кое се правело намерно врз основа на верски причини, јасно зборувајќи дека Бог е на страната на последните.
За добро да ја втисне таа поука во срцата на учениците им го дал живиот пример на некоја сиромашна вдовица, чија општествена положба била безначајна затоа што нема маж кој би можел да ги брани нејзините права, а заради тоа станала лесен плен на некој безкруполозен доверител – рече папата Фрањо и истакна: Таа жена која во ризницата на храмот фрлила само две лепти, односно сè што ѝ останало, се обидела да го даде својот прилог и да биде незабележана, речиси срамејќи се. Но, токму со таа понизност таа извршила дело кое има големо верско и духовно значање.
Тој гест кој бил полн со жртви, не го пропуштил Исусовиот поглед кој во неа го видел сјајот на целосен дар на себе, на што сакал да ги научи и своите ученици – рече Папата и продолжи: Неговата поука ни помага да го обновиме она што е важно во нашиот живот и нè поттикнува на реален и секојдневен однос со Бог. Господовите мерила се поинакви од нашите.
Тој поинаку ги гледа луѓето и нивното однесување – рече Светиот Отец и додаде: Не мери количина, туку квалитет, го испитува срцето и ја гледа чистотата на намерата. Тоа значи дека нашето „дарување“ на Бог во молитвата и на другите во љубовта, секогаш мора да го избегнува само вообичаеното и службено однесување, како што е логиката на пресметките, и да биде израз на бесплатноста. Исус бесплатно нè спаси, не ни го наплати откупувањето, и ние мора да ги правиме работите бесплатно. Затоа Исус укажува на таа сиромашна и великодушна вдовица како пример за христијански живот за наследување.
Не го знаеме нејзино име, но го познаваме незиното срце, и тоа е она што вреди пред Бог – рече папата Фрањо и поттикна: Кога сме во искушение да се истакнуваме и себично да ги искористиме своите дела на љубовта кон другите, кога премногу се интересираме како другите нè гледаат, да мислиме на таа жена. Тоа ќе ни помогне да го тргнеме од себе она што е површно и да одиме кон она што навистина вреди, и така да останеме понизни.
Нека Блажена Дева Марија, сиромашна жена која целосно му се дарувала на Бог, нè поддржи во наканата за дарување на Господ и на браќата луѓе, не нешто свое, туку самите себе, понизно и великодушно – заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк