Да се оди во пресрет на Божиќ значи да се отвориш за надежта – е пораката на папата Фрањо во катехезата за време на Генералната аудиенција на 14 декември 2016 година.
Помошта за тоа отворање за надежта ни ја претставува пророкот Исаија кој литургиски нѐ „придружува“ низ Божиќниот пост. Папата потсети на зборовите на пророкот дека Израел треба да се разбуди, да го истреси од себе правот и да ги симне веригите и да се облечи во облеката на величието, затоа што Господ доаѓа да те ослободи (Исаија 52, 1-3) и додаде: „Затоа мојот народ ќе го познае името Мое; затоа ќе разбере во оној ден, дека Јас сум истиот, Кој вели: Еве ме!“ (Исаија 52,6)
На тоа Божјо „Еве ме“ кое ја сумира целата негова спасителна волја и желба да ни се приближи, Ерусалим одговора со песна на радоста на која повикува пророкот. Тој е многу важен момент во историјата. Станува збор за крајот на вавилонското ропство и за Израел претставува можност повторно да го пронајде Бог и во верата да се пронајде самиот себе – рече Светиот Отец и додаде дека „остатокот“ на Израил во ропството никогаш не престанал да верува и да се надева, па дури ниту среде темнината.
Тогаш папата Фрањо го изрече фалоспевот кој Израел го пее: „Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: Твојот Бог се зацари! Весете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој – го откупи Ерусалим. Ја засука Господ Својата света мишка пред очите на сите народи, – и сите краишта земни ќе го видат спасението од нашиот Бог“ (Исаија 52, 7; 9-10).
Овие зборови на Исаија – продолжи Папата – говорат за чудото на мирот и тоа така што нашиот поглед го насочуваат на брзите нозе на гласникот: Изгледа дека тој е возљубениот од Песна над песните: „Гласот на мојот возљубен, еве го: доаѓа, скока преку фиданките по горите, прескокнува преку ридовите“ (Песна 2,8). Така и трча гласникот на мирот кој радосно ја носи пораката на ослободувањето, спасението и царството Божјо – рече Папата.
Светиот Отец потсети дека Бог никогаш не се откажува од својот народ, неговата добрина е поголема од било кој грев. Токму тоа е значењето на изразот „Бог владее“ – рече Светиот Отец и додаде: Станува збор за Царството на простување и мир кое го воспостави Исус, Царството кое го славиме на Божиќ, а кое конечно се остварува на Велигден.
Браќа и сестри – продолжи – тие се причините за нашата надеж. Кога сѐ изгледа дека е готово, кога се наоѓаме пред толку негативности, кога верата станува напорна и се наоѓаме во искушение да кажеме дека ништо нема смисла, тогаш доаѓа Радосната вест со брзите чекори на гласникот на радоста: Бог доаѓа за да направи нешто ново, да го воспостави царството на мирот; Бог ја „засука својата мишка“ и носи слобода и утеха. Злото нема секогаш да победува постои крај на страдањето. Очајот е надминат затоа што Бог е меѓу нас – рече Папата.
Верниците се повикани да бидат мажи и жени на надежта и да соработуваат за доаѓањето на тоа царство кое е направено од светлина, а наменето е за сите, мажи и жени на надежта – рече Папата додавајќи дека пораката за доаѓањето на ова Царство е итна и ние мораме да трчаме како гласникот по горите затоа што светот не може да чека, човештвото гладува и е жедно за правда, вистина и мир.
Гледајќи го Детето во Витлеем малите и слабите во светот би го препознале дека тоа ветување се исполнило – рече Светиот Отец. Во новороденчето кое е сѐ што е потребно, завиткано и положено во јасли во него е содржана целата Божја спасителна моќ. Божиќ е ден за отворање на срцето, мораме да го отвориме нашето срце за оваа маленкост и чудо. Тоа е чудото на Божиќ рече на крајот папата Фрањо – изненадувањето на Бог – Детето, Бог на сиромашните, „слабиот“ Бог, Бог кој „заминува“ од својата величественост за да биде што поблиску до човекот.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк