Папата: Богословот е чедо на својот народ, тој е пророк и верник
„Богословот е чедо на својот народ. Тој се среќава со луѓето, ја познава историјата и традицијата“.
Ова го посочи папата Фрањо во видеопораката до учесниците на Меѓународниот богословски конгрес кој се одржа во Буенос Аирес по повод сто години од основањето на Богословскиот факултет на Католичкиот универзитет во Аргентина и педесет годишнината од Вториот Ватикански собор.
Во своето обраќање Светиот Отец потсети дека „богословот е верник, кој има искуство од Исус Христос и кој открил дека не може да живее без Него. Богословот е пророк, бидејќи размислувајќи над апостолското предание, кое е добиено од Црквата, ја одржува живо свеста за минатото. На овој начин тој создава повик кон иднината во која Исус ја победува самодопадливоста и недостатокот на надеж“. Папата Фрањо ја нагласува потребата да се „продолжи сеќавањето за присуството на Бог во животот на Црквата, за да се отстранат поделбите и искушенијата“. За Светиот Отец не може да постои „една конкретна изолирана Црква со претензија да биде господарка и единствена толкувачка на реалноста и дејството на Духот“. На ист начин, истакна Папата, „не може да постои една универзална Црква, која ја занемарува и негира локалната реалност“. Централно место за Папата зазема „апостолското предание во Црквата: жива река која наводнува различни земји и негува различни географски зони во светот“. На овој начин „Евангелието продолжува да се воплотува во секој агол на планетата на еден секогаш нов начин“, истакна Папата.
Според Светиот Отец „обврската на богословот е да препознава и размислува што претставува да си христијанин денес, бидејќи денешниот христијанин во Аргентина, не е ист како пред 100 години, и не е на ист начин во Индија, Канада и Рим“. Меѓу предизвиците со кои се соочува богословот, Папата ја посочи културната разновидност, релативизмот и глобализацијата, кои понекогаш „го минимизираат човечкото достоинство, претворајќи го во трговска стока“. Единствено патот на Евангелието – продолжи папата Фрањо – „може да ги отстрани двете големи искушенија на нашата сегашност: она што го осудува секое нешто и кое се крие зад конзерватизмот и фундаментализмот и она што ја осветува секоја новина, сето она што има „нов вкус“, релативизирајќи ја на тој начин мудроста“.
„Не може да постои поимот за чиста доктрина одвоена од пастирската дејност“, предупреди папата Фрањо, кој цитирајќи ги црковните учители како Иринеј, Августин, Василиј Велики и Свети Амврозиј истакна дека „тие беа големи богослови, бидејќи беа големи пастири“.
РВ/В.Н.