Папата: Бидете мисионери и светци

Папата: Бидете мисионери и светци

Нека во вашите заедници одекнува повикот на светост – ги поттикна папата Фрањо илјадниците верници од бискупиите Чезена и Болоња кои на 21 април 2018 година на плоштадот Свети Петар ги прими во аудиенција, а кои ги посети на 1 октомври минатата година.

Осврнувајќи се во пригодниот говор за посетата на тие бискупии, Папата ја нарече дар на Провидноста за да го утврди и зацврсти чувството на верата и припадноста на Црквата која бара неопходно да се оствари во секојдневните ставови и каритативната љубов, посебно кон оние во потреба.

Важноста на секојдневните гестови

Потоа присутните ги поттикна да одат по стапките на папата Пио VI и Пио VII кои по потекло се од Чезена, односно како нив да се обврзат да го навестуваат Евангелието, сведочејќи го со дела кои не мора да бидат големи затоа што христијаните со своите бројни мали секојдневни гестови се квасецот на љубовта, братството и надежта за општеството. Љубете ги малите со секојдневни гестови – рече Светиот Отец и додаде; Малите се како квасец, но прават толку добра.

Евхаристијата ја создава Црквата

Евхаристијата ја создава Црквата – рече Папата. Таа придружува и обединува во врската на љубовта и надежта. Господ Исус ја востановува за да останеме во Него и за да обликува едно единствено тело; од странци и луѓе кои се рамнодушни едни кон други да станеме обединети и браќа.

Евхаристијата– продолжи Светиот Отец – нè помирува и обединува затоа што го храни односот во заедницата и поттикнува на великодушност, простување, доверба во ближниот и благодарност.

Првенство на љубовта

Евхаристијата нè учи да даваме првенство на љубовта и да го живееме највисокиот облик на праведност кој е милосрдието – рече папата Фрањо. Таа ни покажува дека секогаш треба да бидеме благодарни. Евхаристиското славење нè учи на вистинската скала на вредности: на прво место да не ги ставаме земските реалности, туку небесните добра; да не гладуваме само за материјална храна, туку и за онаа која е за вечен живот.

Христијанското послание

Светиот Отец затоа ги поттикна верниците да одговорат на тивкиот крик на мажите и жените кои имаат потреба да Го сретнат Исус Христос, затоа што на крајот тоа е посланието на секој христијанин. Нашето послание кое е истовремено одговорност и радост е наследство на спасението и дар кој треба да се дели – рече папата Фрањо и продолжи: Тоа бара великодушна расположеност, негирање на самиот себе и доверливо препуштање на Божјата волја. Станува збор за остварување на патот на светоста за храбро да одговориме на Исусовиот повик, секој во согласност со својата посебна харизма. За христијаните не е можно да размислуваат за земското послание, а да не го сфаќаат како пат на светоста – истакна Папата.

Повикани на светост

Размислувајќи за повикот на светост кој е упатен до секој христијанин поединечно, а кој во центарот на вниманието на новиот апостолски поттик „Gaudete et exsultate“, папата Фрањо напомена дека светоста е целосно остварување на сите стремежи на човечкото срце. Тоа е пат кој започнува од крстилницата и води до небото, а се остварува ден по ден прифаќајќи го Евангелието во конкретниот живот. Светиот Отец на крајот ги поттикна верниците никогаш да не се изморат да го бараат најпрво Бог и неговото Царство и да им служат на браќата и сестрите, секогаш во едноставноста и братството.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот