Папата: Без жените нема хармонија во светот

Папата: Без жените нема хармонија во светот

„Без жените нема хармонија во светот,“ рече папата Фрањо на светата Литургија на 9 февруари 2017 година во домот Света Марта. Во фокусот на неговото размислување е ликот на жените, започнувајќи од извештајот за создавањето во Книгата Битие.

Мажите и жените не се еднакви, но ниту еден од нив двајцата не е супериорен. Но, жената е таа, а не мажот која ја донесува хармонија и така го прави светот убав – истакна Светиот Отец. Господ ги создаде сите видови на животни, но човекот во нив не можел да пронајде помош, „бил сам“. Тогаш Господ му прати тврд сон на човекот, му зема едно ребро и од тоа ребро ја создаде жената, кој  мажот ја признава како тело од своето тело – рече Папата.

Светиот Отец тогаш раскажа дека неодамна сретнал еден пар кој славел 60 годишнина од бракот и ги прашал кој од нив двајцата има повеќе трпение: „Ме погледнаа во очи, па заедно ми одговорија: „Сѐ уште сме вљубени.“ Тоа сѐ уште важи после 60 години брак; тоа значи да се биде едно тело. Токму тоа го донесува жената: способност да се љуби, хармонија во светот. Често слушаме: „На нашето општество или на нашата институција им требаат жени кои го работат ова или она.“ Не, смислата и целта на жените не е да извршува некоја функција. Вистина е дека жените треба да извршуваат работи како и сите ние. Целта на жените е да создаваат хармонија, а без жените нема хармонија во светот. Искористувањето на луѓето е злосторство против човештвото: тоа е вистина. Но, искористувањето на жените не е само злосторство, туку се уништува хармонијата која Бог сака да ја даде на светот.“

Папата на крајот се осврна на денешното Евангелие во кое читаме како Сирофеничанката од Исус бара да истера нечист дух од нејзината ќерка, што Исус на крајот и го прави. Преку тој пример Светиот Отец покажа за што сѐ жената е способна. „Таа е храбра, нели? Одела храбро напред. Но, и повеќе од тоа: жената е хармонија, поезија и убавина. Без неа светот не би бил вака убав, ниту вака хармоничен. Сакам да размислувам – и тоа е мое лично мислење – дека Бог ја создаде жената за сите да имаме мајка,“ заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Uncategorized

За авторот