Отец Ломбарди ја коментираше реакцијата од турска страна

Зборовите на папата Фрањо за „ерменскиот геноцид“ ја одразуваат „точно и доследно линијата во дијалогот“. Тоа го изјави ватиканскиот портпарол отец Федерико Ломбарди на брифингот во Ватикан.

Одговарајќи на прашање за полемиката започната од страна на Турција, по зборовите на Папата за време на литургијата за 100 годишнината од „мачеништвото на Ерменците“, отец Ломбарди изјави: „Во словото Папата ја цитираше Универзалната декларација на Иван Павле II и ерменскиот католикос Карекин II од 2001, во која се зборува за масовното убиство на Ерменците во 1915 како „прв геноцид на ХХ век, изразувајќи ја желбата за обновување на помирувањето меѓу ерменскиот и турскиот народ“. Затоа, додаде ватиканскиот портпарол, „говорот на Папата нема потреба да биде дополнително објаснуван или штитен. И покрај тоа ние ќе ја земеме во предвид реакцијата од турска страна, но не мислиме дека сега е момент за полемики или спорови“.

На крајот отец Ломбарди ја дефинира како „многу интересна“ одлуката на турскиот претседател Ердоган за Мешана историска комисија за истражување на историските архиви. „Од оваа перспектива, зборовите на Папата се уште еден силен импулс за една дискусија која нема за цел да го обнови минатото, туку за дополнителна современа рефлексија за слични настани да не се повторуваат“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот