Отец Ломбарди: Не очекувајте други меѓународни патувања на Папата за оваа година
Ватикан, 25.4.2013 /к.мк/ – Бразил ќе биде единствената земја која Папата Фрањо ќе ja посети во 2013. Ова го соопшти директорот на Ватиканскиот прес центар отец Федерико Ломбарди. „Ве повикувам да не очекувајте други меѓународни патувања на Папата за оваа година”, рече на новинарите отец Ломбарди. Повод за посетата на Папата на Бразил е XX. Светски ден на млади, кој ќе се одржи од 23 до 28 јули 2013 под мотото „Одете и научете ги сите народи” (Матеј 28,19).
Отец Ломбарди потврди дека овие денови во Рио де Жанеиро се наоѓа Ватиканска делегација за прецизирање на деталите од програма, предводена од Алберто Гаспари, одговорен за меѓународните патувања на Папата. „Програмата ќе ги почитува барањата на Папата”, рече отец Ломбарди, и го потврди присуството на папата Бергољо на отворањето, на Крстниот пат, на бдението, како и на завршната света Литургија во Гуаратиба.
Ватиканскиот портпарол не ја исклучува можноста до крајот на годината папата Фрањо да ја објави својата прва енциклика, напомнувајќи дека веќе папа Бендикт ХVІ има подготвено материјали на тема вера. Отец Ломбарди потврди дека почесниот Папа, кој во моментов се наоѓа во Апостолска резиденција во Кастел Гандолфо, на крајот од април или почетокот на мај ќе се пресели во манастирот Матер Еклезија во Ватикан. За местото на живеење на папата Фрањо, отец Ломбарди изјави дека тој ќе продолжи да живее во домот Света Марта, каде што се чувствува многу добро. Во моментот нема најави за промени, иако не станува збор за конечна одлука, појасни ватиканскиот портпарол. (go*ko)