Осветена црквата Свети Иван Крстител – Струмица

Во недела 5 јули 2015 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, во сослужение на голем број свештеници ја освети црквата Свети Иван Крстител во Струмица.

Свечениот чин започна со предавање на клучевите од изведувачот на градежните работи г-дин Иван Гуциев на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, кој пак ги довери на отец Гоце Костов, парох на црквата „Свети Иван Крстител“ во Струмица. По свечениот влез во Црквата следуваше обредот осветување, кој продолжи со свечена архиерејска Литургија.

„Навистина се радуваме и благодариме на Бога, што ни подели милост да учествуваме на еден од најсвечените обреди во нашата Црква, а тоа е осветување на овој Божји храм. Некои таков настан доживуваат само еднаш во својот живот. Ние го дочекавме тој настан и сведоци сме на убавината на тој чин преку кои телото на човечките раце е награден со преносот на Бога, кој со овој чин влезе во имотот на овој храм. Големиот филозоф Аристотел, како доказ на Божјиот опстанок рекол: Ќе најдеш град без тврдина, град без јавни служби, но нема да најдеш град без храм. Во сите религии храмот означува посебна зграда, која припаѓа на Бога и кое е место на почитување на Господа Бога“ – рече во својата проповед монсињор д-р Киро Стојанов.

На осветувањето на новата Католичка црква, покрај голем број верници од Струмица и други места од Македонија, присуствуваа и претставници на Владата на Република Македонија, на Собранието на Република Македонија, од Општина Струмица, претставниците на црквите и верските заедници присутни во Струмица, претставници од општествениот и културниот живот, бизнисмени и помагатели, кои дале свој придонес во изградбата на црквата, која започна во јуни 2008 година.

По завршувањето на свеченоста верниците од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица за сите присутни во дворот на црквата подготвија агапе.

к.мк

Фотографија: Струмица нет

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот