Од проповедта на Папата: Царството Божјо е во нас

Царството Божјо расте секој ден благодарение на сведоштвото кое „не е бучно“, живеејќи ги семејните, работните и општествените обврски со молитва и вера – истакна папата Фрањо на светата Литургија

на 13 ноември во капелата на домот Света Марта.

Во тишината, можеби во домот во кој „крајот на месец е дочекан само со половина евро“, но каде што не се заборава да се моли и грижата за членовите на семејството: таму се наоѓа Царството Божјо. Далеку од гужви, бидејќи тоа „не привлекува внимание“ токму како што семето расте под земјата. Во денешниот евангелски дел, учениците го прашуваат Исус: Кога ќе дојде Царството Божјо? А Исус им одговара: Ќе дојдат дни кога ќе ви говорат: Еве, овде е, или ене, онде е! Не одете и не барајте!

Царството Божјо – рече Папата во проповедта – не е спектакл. „На небесета ќе има славење, но, не спектакл“, меѓутоа „нашата човечка слабост“ го избира второто. Толку пати спектаклот е прослава – како свадба – на која изгледа дека е поважно да се преставиш на луѓето отколку да ја примиш светата Тајна. Таквото е само можност за да бидат видени; суета. Спротивно на тоа, „Царството Божјо е тивко, расте одвнатре“. Подоцна Царството ќе се гледа во силата, но тоа ќе биде дури на крајот на времињата.

„Денот кој ќе биде бучен, ќе биде како молњата кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден. И кога ќе се помисли на истрајноста на толку христијани, кои семејствата ги водат напред, кои се грижат за децата, за бабите и дедовците и го дочекуваат крајот на месецот само со половина евро, но молат – таму е Царството Божјо сокриено; во таа светост на секојдневниот живот, светоста во секојдневнието. Бидејќи Царството Божјо не е далеку од нас, блиску е!“ – рече Папата, објаснувајќи дека една од карактеристиките на Царството Божјо е близината во секојдневието.

И кога го опишува своето повторно доаѓање во силата и славата– рече Папата – Исус веднаш додава дека „најнапред Он треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.“ Тоа значи дека „и трпењето, крстот на секојдневниот живот – крстот на работа, семејството; беспрекорен живот – тој мал секојдневен крст е дел од Царството Божјо.“ Затоа Папата заклучува: да го молиме Господ за милост „ да се грижиме за Царството Божјо – кое е внатре во нас – со молитва, обожавање, дела на љубовта – во тишина.“ „Царството Божјо е мало, како семето: незначително, но станува големо преку силата на Светиот Дух. Наше е да му дозволиме да расте во нас; без фалење: да дозволиме Светиот Дух да дојде, да ја промени душата и да нè носи напред во тишина, во мир, во спокој, до близината Божја, до близината на другите, да му се поклонуваме на Бог, без спектакл“ – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот