Од проповедта на Папата: Ривалството и амбицијата ја слабеат Црквата

Ривалството и амбицијата се два црва кои ја слабеат Црквата; потребно е понизно и сложно да се делува, без настојување околу сопствена придобивка – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 3 ноември во капелата на домот Света Марта. Размислувајќи за делот од Посланието на свети Павле до Филипјаните, Папата рече дека секој епископ е радосен ако во неговата Црква владее љубов, единство и слога. Таа хармонија е благодат, дело на Светиот Дух: што се однесува до нас, треба да настојуваме да Му помогнеме на Светиот Дух во Црквата да се оствари хармонија – рече Светиот Отец.

Свети Павле затоа ги повикува Филипјаните ништо да не прават заради амбиција или ривалство; да не се борат еден против друг; дури и да не се покажуваат во јавноста и да не мислат дека се подобри од другите. Не се случува тоа само во нашето време, туку доаѓа од многу одамна – истакна папата Фрањо.

Колку пати во своите црковни институции; во цркви, во парохии, во заводи го гледаме тоа, нели? Ривалство и амбиција. Јасно е дека тие два црва ја нагризуваат силата на Црквата и ја слабеат хармонијата и слогата. А што советува Свети Павле? Секој од вас од понизност сметајте се еден друг за погорен од себе си! Павле навистина бил понизен. Тој се смета за последен, „недостоен да се нарекува апостол“. Така се чувствувал: мислел дека другите се поголеми од него – рече Светиот Отец.

Папата потоа го спомна и свети Мартин де Порес, понизен доминиканец, кој денес Црквата го празнува: неговата духовност била служењето; чувствувал дека сите дури и тешките грешници се поголеми од него. Свети Павле сите ги поттикнува да не ја барат сопствената придобивка. Грижете се за другите! Служете на другите. Така сака Исус да биде во целата Црква. Може да има и поинакво мислење – ништо лошо – но, секогаш треба да се негува понизноста, љубовта и никогаш да не се потценува – рече папата Фрањо.

Осврнувајќи се пак на делот од Евангелието, Папата додаде: Грдо е кога во црковните институции, во бискупии, во парохии среќаваме луѓе кои единствено мислат на својата придобивка, а не на служењето и љубовта. А Исус во Евангелието вели: не барајте ја сопствената придобивка; ништо не очекувајте за возврат – бесплатно. Кога во некоја Црква има хармонија, единство; кога не се бара сопствениот интерес, во неа владее атмосфера на бесплатност. Правам добро, не сакам да тргувам со доброто – истакна папата Фрањо.

Папата ги повикува сите на испит на совеста. Каква е мојата парохија, мојата заедница, мојата институција? Владее ли во неа духот на љубовта, еднодушноста, слогата и понизноста? Дали е без ривалство и амбиција? Така можеби ќе сфатиме дека сепак треба нешто да менуваме и што можеме да направиме за атмосферата да се подобри – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот