Од проповедта на Папата: Исус е близок со својот народ и се моли за нас

Исус не е професор кој зборува од катедрата, туку престојува меѓу народот и дозволува да го допираат за да ги излекува, рече папата Фрањо на светата Литургија на 9 септември во домот Света Марта. Првиот момент од Исусовиот живот над кој Папата запре е молитвата: Исус поминува ноќ во молитва. „Он пред Отецот и во овој момент се моли за нас. Тоа нека ни подари храброст, бидејќи во тешките моменти може да се сетиме: „Исус го моли Отецот за мене“ – нагласи Папата, истакнувајќи дека Исусовото делување денес е во молитвата за Неговата Црква; како Исус моли од првиот момент од кога дојде на земјата и продолжува и денес да моли за сите нас.

Бидејќи ја поминал ноќта во молитва, Исус избира дванаесет апостоли и јасно и вели: „Не ме избравте вие мене, туку Јас вас ве избрав.“ Во вториот момент над кој запре Папата во размислувањето ни дава храброст: „Јас сум избран, Господ ме избрал“ рече Папата, потсетувајќи на зборовите на свети Павле: „Бог, ме избра од утробата на мојата мајка“.

„Љубовта не гледа убаво или грдо лице, туку едноставно љуби. Тоа го прави Исус: љуби и избира со љубовта – ги повикува сите.“ На Неговиот список никој во тоа не е привелигиран. Само една работа е подвлечена кај сите: сите се грешници. Заради тоа учителите на законот го обвинуваат: „Овој јаде со грешници, разговара со прељубница…“ Но, Исус ги повикува сите; сите нас нè избра“ – нагласи папата Фрањо.

Третиот момент над кој Папата запре е Исусовата близина до народот: големо мноштво на луѓе доаѓаат за да го слуша и за да бидат излекувани. Сите сакаат да го допрат, бидејќи „од Него излегува сила која сите ги лекувала.“ „Исус овде не е професор, учител, мистик кој се одделува од народот и зборува од катедрата“ – вели папата Фрањо. Близок е со луѓето. Бог на Израилот му кажа: Кој народ има Бог кој им е толку близок, како што сум Јас до вас? Близината на Бог до Својот народ е близината на Исус до луѓето – заклучи Папата и додаде:

„Таков е нашиот Учител, таков е нашиот Господ: моли, Го избира народот и не се плаши на луѓето да им биде близок. И тоа им дава вера во Него. Да се потпреме на Него, бидејќи моли, бидејќи нè избрал и бидејќи ни е близок – поттикна на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот