Од проповедта на Папата: Божјото милосрдие ги милува нашите рани предизвикани од гревот
Божјото милосрдие е големо светло на љубов и надеж; тоа е Божјо милување на нашите рани предизивикани од гревот – истакна папата Фрањо во проповедта на 7 април на Литургијата во домот на капелата света Марта.
Зборувајќи за делот од Евангелието (Ив 8,1-11), кое зборува за жената фатена во прељуба, поради што според Мојсеевиот закон треба да биде каменувана, бидејќи прељубата е тежок грев. Папата рече дека бракот е човечка реалност симбол на верниот однос на Бог со неговиот народ. А кога со прељуба ќе се уништи бракот, тогаш се валка и односот помеѓу Бог и неговиот народ – рече папата Фрањо.
Сакајќи да го доведат во непријатна ситуација книжниците и фарисеите го прашуваат Исус: „Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?” Ако Исус кажеше дека треба да ја каменуваат, тие би му кажале на народот: Ете, ова е вашиот добар учител, гледајте што направи со оваа жена? Ако одговореше да ѝ се прости, ќе го оптужат дека не го почитува Законот. На нив не им беше грижа за жената, не се интересирале за доброто на прељубницата – а можеби и некој од нив беше меѓу нив – целта им беше да му постават замка на Исус. Поради тоа Исус одговори: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!” – објасни Светиот Отец.
Евангелието иронично вели дека обвинувачите, почнувајќи од најстарите до последните, еден по еден, се разотидоа. Исус остана сам со жената, како исповедник, па ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осиди?… Останавме сами: ти и јас. Ти си пред Бог без обвинувања, без клевети. Ти и Бог! Никој не те осудува. Жената одговара: Никој, Господи. Не рече дека обвинувањето беше лажно или дека не направила прељуба, значи го признава својот грев – истакна Светиот Отец.
На тоа Исус ѝ одговара: Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш за да не ти се случи повторно ова што се случи, да не мора повторно да поднесуваш срамотење, да не го навредиш Бог, да не го извалкаш односот помеѓу Бог и неговиот народ. Исус простува и не само што простува, туку го надминува законот и оди понатаму. Не ѝ кажува на жената дека прељубата не е грев, но не ја осудува, како што е предвидено со законот. Тука се работи за нешто повеќе од само простување, а тоа е тајната на милосрдието. Тоа е тајната на Исусовото милосрдие – истакна Папата.
Тешко е да се сфати што е милосрдие – рече Светиот Отец. Но оче, дали милосрдието ги брише гревовите? – би можел некој да праша. Не, гревовите ги бриши Божјото простување. Милосрдието е начин на простување. Исус можеше да каже: Ти простувам. Оди си!, како што му кажа на фатениот, кој го спуштија во куќата преку покривот. Ти се простуваат гревовите. Тука вели: Оди си во мир! Значи Исус оди понатаму. Ја советува жената повеќе да не греши. Тука се гледа милосрдното однесување на Исус: го брани грешникот од непријателите, го брани од праведната осуда. И ние, колкумина од нас би требало да завршиме во пеколот. Колкумина? Тоа би била праведна осуда… Исус не само што простува, туку е и милосрден – истакна Папата додавајќи:
Милосдрието оди понатаму, го уредува животот на луѓето за да го остават гревот настрана. Милосрдието е како небото: на небото гледаме безбројни ѕвезди; но кога во утрото ќе изгрее сонцето, ѕвездите повеќе не се гледаат. Такво е и Божјото милосрдие: големо светло на љубов и надеж. Бог не простуува според декрет, туку со милување: милувајќи ги нашите рани предизивкани од гревот. Тој простува: преокупиран е со нашето спасение. Исус е исповедник: не ја понижува жената, не ѝ вели: Кажи ми што направи! Кога, како и со кој? Исус вели: „Оди си и немој повеќе да грешиш!“ Големо е Божјото милосрдие, големо е Исусовото милосрдие: ни простува, милувајќи нѐ – реча на крајот папата Фрањо.
РВ/го*ко
фотографија: Радио Ватикан