Од духовните вежби на Папата и Римската курија: Христијанството е искуството на Христос

Пред да го започне последното размислување на духовните вежби за Папата и Римската курија, монсињор Анџело Де Донатис, мислејќи на разделбата, сите ги потсети на повикот кој папата Фрањо точно пред една година, на 14 март 2013 година на светата Литургија во Сикстинската капела го упати до кардиналите: да одиме со ова искуство носејќи ја со себе силата на љубовта која ќе ни помогне да чекориме напред, да „одиме да изградуваме и исповедаме.“

Монсињор Де Донатис на почетокот на размислувањето предложи метода за збогатување која лично ја искусил, на неделна духовност: внимателно вреднувајќи ги мислите и чувствата кои се појавувале овие денови, забележувајќи ги на лист хартија: на едната страна мисли и чувства кои доаѓаат од Светиот Дух, а на друга страна оние кои доаѓаат од непријателот, а кои што „сигурно ќе бидат спротивни“. На крајот, по внимателното вреднување на секоја мисла и чувство, ќе останат еден дел мисли и чувства, кои се појавувале често и интензивно. На едната страна ќе се најдат мисли и чувства вдахнати од Светиот Дух кои ќе треба да ги чуваме и збогатуваме, а на другата оние вдахнати од злото против кои ќе треба да се бориме молејќи од Бог посебна милост – истакна водителот.

На последното размислување, стана збор за Исусовото укажување на Марија од Магдала, покрај празниот гроб (Ив 20, 11-18). Толкувајќи ја сликата на празниот гроб, монсињор Де Донатис истакна некои поединости: сигурноста дека Исус треба да го бараме меѓу живите, а не меѓу мртвите; љубовта на Отецот кој не сакал Синот да остане во гробот. Тоа значи – како што рече – дека љубовта не подлежи на смрт. Говорејќи за улогата на Марија од Магдала, истакна дека е избрана за навестување на воскресението. Навистина, таа на учениците ќе им донесе вест, но откако го „слушнала и прифатила“ Исусовиот повик. Исус ја именувал и тогаш таа го препознала. Иако и порано бил таму и ѝ зборувал, таа не Го препознала, затоа што „го барала меѓу мртвите“ – истакна водителот.

Така, во извесна смисла, се случило и сеуште се случува со сите кои го „слушаат повикот“, односно слушат посебен повик и одговараат на него „затоа што го препознават Исусовиот глас“. Водителот ги поттикна присутните да се присетат на својот повик. Марија, по одговорот, станува „прва навестителка на воскресението“; нејзе и припаѓа големата чест да го навести воскресението, а тоа е знак – рече проповедникот – дека за Црквата е важна улогата на жената. Тогашниот еврејски закон, на она што зборувала или правела жената, не му се придавало никаква вредност. Марија од Магдала евангелизирала „привлечно и заразно“ – рече монсињор Де Донатис.

На крајот проповедникот како и за секоја вежба предложи благодарност, верата секогаш се гледа низ благодарноста. Со оглед на тоа потсети на науката на свети Игнациј: секојдневна вежба поделена во три чекори: благодарност за дарот на создаденото, исто така и во име на оние кои тоа не го прават; благодарност за примените лични дарови, кои се дел од нашата лична историја; благодарност за сите дарови кои произлегуваат од верата – рече водителот на духовните вежби.

Во четвртокот во попладневните размислувања говореше за соблазната, за очекување на спасението од нешто што не може да нѐ спаси; за очекување на чудесно спасение како она за кое сатаната во пустината му говореше на Исус, а кое е на некој начин одново понудено во делот од Евангелието по Марко кое говори за Петар (14, 26-31, 66. 72). Историјата тргнува од ветувањето на Петар дека никогаш нема да се одрече од Исус сѐ до горките солзи пролеани во моментот кога Петар го чувствува погледот на Христос, откако три пати се одрекол, како што Учителот му пророкувал и пред петел два пати да запее – рече монсињор Де Донатис додавајќи:

Горките солзи го чистат Петар од неговите гревови: Петар нема што да му каже на Исус освен својата болка затоа што се одрекол. Всушност во тоа е убавината на спасението, рече проповедникот: човекот е спасен кога е гол, кога се ослободил од сѐ и повеќе нема ништо; кога е подготвен да го следи Исус или да оди пред Него. Христијанството не се состои во големи ветувања, во морализам или нешто друго: христијанството е искуството на Христос, бесплатноста на неговото спасение и неговата љубов. Така Петар кој потклекнал пред слугинката, кога го сретнал Исусовиот поглед и со Него започнал разговор, ја пронашол својата сила – рече водителот.

Разговорот со Бог е искуство на диретната Божја љубов. Таков е разговорот, како што предлага свети Игнациј, директен, без сентиментализам и други мотиви освен да биде пријателски, затоа што Бог лично нѐ љуби како свои пријатели. А таквиот разговор секогаш да го завршуваме со „Оче наш“ признавајќи се за деца Божји – поттикна на крајот монсињор Анџело Де Донатис.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот