Во новиот Апостолски поттик со наслов „Laudate Deum“, папата Фрањо го повикува човештвото да дејствува. Папата го гледа светот на пресвртна точка во соочувањето со климатската криза
Папата Фрањо повика на брзи и сеопфатни мерки за борба против глобалното затоплување. Во Апостолскиот поттик Laudate Deum, Папата ги повикува владите, компаниите и сите итно да ги преземат неопходните чекори за да се спречи ширењето на климатските катастрофи. Апостолскиот поттик „за климатската криза“ со латински наслов „Laudate Deum“ („Фалете го Бога“) е објавено во Ватикан во среда 4 октомври 2023 година и е упатено до „сите луѓе со добра волја“.
Во текстот, Папата се спротивставува на скептиците на теоријата за глобалното затоплување велејќи дека во вештачкото потекло на климатските промени „повеќе не може да се сомнева“. Светиот Отец, исто така, им се обрати на критичарите и напиша: „Се чувствувам обврзан да ги дадам овие појаснувања, кои можеби изгледаат очигледни, поради одредени погрдни и неразумни мислења што ги наоѓам во рамките на Католичката црква“.
Против таканаречените климатски негатори во Црквата и надвор од неа, Папата тврди: „Колку и да се труди некој да ги негира, скрие, прикрие или релативизира, знаците на климатските промени се тука и стануваат сè појасни“.
Во поглед на можни контрааргументи, во текстот на Папата се вели: „Точно е дека секоја катастрофа не може автоматски да се припише на глобалните климатски промени. Сепак, може да се докаже дека одредени промени во климата предизвикани од човекот ја зголемуваат веројатноста да има повеќе и почести поинтензивни екстремни настани“.
Во исто време, тој се противи на толкувањето на настаните како за крајот на светот. „Одредени апокалиптични дијагнози често изгледаат неразумни или недоволно аргументирани“, објаснува тој, но потоа додава: „Ова не треба да не наведе да игнорираме дека постои реална можност да дојдеме до критична точка“.
COP28 „може да биде пресвртница“
Папата во документот детално зборува за светските конференции за клима, кој беше најавен како „продолжение“ на неговата социјална и еколошка енциклика „Лаудато Си“ од 2015 година. Енцикликата на Папата имаше одредено влијание врз климатската конференција во Париз во 2015 година, на која беа договорени глобално обврзувачки цели за намалување на глобалното затоплување.
Во текстот папата Фрањо различно ги оценува светските конференции за клима од 1992 година и посебни ја пофалува онаа во Париз. За следната конференција (COP28), закажана за 30 ноември до 12 декември, Петровиот наследник пишува: „Ако веруваме во способноста на човекот дека може да ги надмине своите ситни интереси и да размислува пошироко, можеме само да се надеваме дека COP28 ќе биде важно забрзување на промена на енергијата со ефективни заложби кои подлежат на одржлив мониторинг. Оваа конференција може да биде пресвртна точка“.
„Ситуацијата има врска и со економијата“
Во Апостолскиот поттик, кој е долг околу дванаесет страници, Папата расправа најмногу во научна, политичка и економска смисла. Тој пишува: „Оваа ситуација не е поврзана само со физиката или биологијата, туку и со економијата и нашиот начин на разбирање. Логиката на максимален профит по најниска цена, маскирана како рационалност, како напредок и преку илузорни ветувања, ја прави невозможна секоја искрена грижа за заедничкиот дом и каква било грижа за унапредување на отфрлените од општеството“.
Папата Фрањо зборува против гледањето на луѓето и природата како одвоени еден од друг. На луѓето мора да се гледа како на дел од природата. Човечкиот живот, интелигенцијата и слободата се вградени во природата што ја збогатува нашата планета и тие се дел од нејзините внатрешни сили и рамнотежа.
Има само неколку места во „Laudate Deum“ каде се даваат теолошки или морални изјави. Во последното поглавје, во врска со цитатот од енцикликата „Слава Тебе“ од 2015 година, се вели: „Мораме да признаеме дека човечкиот живот не може да се разбере или да се одржи без други живи суштества. Вистина е дека „сите суштества во универзумот, бидејќи биле создадени од еден ист Отец, се поврзани заедно со невидливи врски и сите заедно формираме еден вид универзално семејство, возвишена заедница која нè придвижува кон свето, љубезно и понизно почитување“.
Писмото е наречено „Слава на Бога“ според повикот што свети Фрањо Асишки го изразил со својот живот, неговите песни и неговите дела, објаснува Папата: „Кога човек се осмелува да седне на Божјото место станува најголема опасност за самиот себе“.
Ватикан њуз/к.мк