Објавена пораката на папата Фрањо за Светскиот ден на болните

Црквата во болните го препознава „посебното присуство на Христос кој трпи“ – истакнува папата Фрањо во пораката за 22. Светски ден на болните, кој секоја година се слави на 11 февруари, на празникот Богородица Лурдска а следниот ќе се слави под мотото „Вера и љубов: И ние треба за браќата да го дадеме животот“.

Пораката на Папата е полна со надеж: „бидејќи и ноќта на болка во Божјиот план на љубовта се отвора за воскресното светло“; како и охрабрување: „во негово друштво, со Него соединети да се соочиме со секоја неволја“. Папата потсети дека Исус на себе ги зеде болестите и страдањата, претворајќи ги и преобразувајќи ги во светло на „нов живот во полнина“, кои негативните искуства ги менува во позитивни. Одејќи по патот на Христос, Кој од љубов се даруваше, и ние исто така „можеме да ги љубиме другите, како што Бог нѐ љубеше нас, давајќи го животот за браќата.“

Верата во добриот Бог станува добрина; а верата во распнатиот Христос – сила да се љуби до крај; исто така и непријателите; себедарување, посебно кон ближниот, посебно оние кои не заслужуваат, а кои трпат и се отфрлени – стои во пораката на Папата.

Приближувајќи им се со нежност „на оние кои имаат потреба од нега, во спротивност со светот, внесуваме надеж и Божја насмевка. Несебично посветување на другите, станува начин на нашето делување. Марија е христијански пример „за раст во нежноста во чувствителна и скромна љубов“. Девица, Мајка на болните и оние кои трпат стои под нашите крстови и нѐ следи на патот кон воскресението и животот во полнина – пишува Светиот Отец.

Со Марија покрај крстот стои и Иван кој нѐ потсетува дека не можеме да го љубиме Бог, ако не ги љубиме браќата. Крстот е сигурност на верната Божја љубов кон нас; нѐ повикува да дозволиме таа љубов да нѐ зарази; да нѐ учи другиот секогаш да го гледаме со милосрдие и љубов – посебно ако страда и ако му е потребна помош. Завршувајќи ја пораката, Светиот Отец поттикнува Светскиот ден на болни да се прослави во заедништво со Исус Христос, подржувајќи ги оние кои се грижат за болните и за оние кои трпат.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот