Во објаснувањето на Одборот за доделување на наградата стои дека овогодинешните добитници се избрани „заради нивната борба против употребата на сексуалното насилство како оружје во воените конфликти.“
Денис Муквеге лекар гинеколог од Демократска Република Конго и Надија Мурад млада језидска активистка се овогодишнешните добитници на Нобеловата награда за мир.
Двајцата добитници значајно придонеле за свртувањето на вниманието на јавноста на воените злосторства. Благодарение на нивната работа, темата за сексуалното насилство во војната и вооружените конфликти стана актуелна во меѓународните медиуми, пишува во објаснувањето Одборот.
Од ропство до борба за човекови права
„Колку повеќе ме допира злото сѐ повеќе во себе го пронаоѓам она на што ме подучи мојата мајка и мојот народ, а над сѐ Божјата сила која никогаш не ме напуштила. Колку повеќе ме допира злото, сѐ повеќе го пронаоѓам доброто кое е во мојата внатрешност…“ рече во едно интервју за Ватикан њуз Надија Мурад Басе Таха, 25 годишната амбасадорка на Обединетите нации за достоинството на луѓето кои преживеале трговија со луѓе.
Надија три месеци била роб на милитантите на самопрогласената Исламска држава. Откако во август 2014 годин ѝ ги убиле шестмината браќа и мајка ѝ, Надија заедно со нејзините две сестри припадниците на паравоените единици присилно ги одведуваат од селото Кочо на северот на Ирак во Мосул. По три месеци заточеништво успеала да побегне и одтогаш сведочи за ѕверствата кои се направени против нејзиниот народ.
И покрај толку болка и насилство кои ѝ се направени, на неа, на нејзиното семејство и на толку невини језидски девојки, Надија Мурад продолжува да зборува за доброто, љубовта и молитвата.
Борбата против силувањето како „најефтино оружје“ во воените конфликти
„Во светот со извртени вредности, да се отфрли насилството значи да се биде дисидент“, рече Денис Муквеге лекар гинеколог од Демократска Република Конго во интервју за Радио Ватикан во 2014 година по повод освојувањето на наградата Сахаров од Европскиот парламент за ангажирање во одбраната на човековите права. Тогаш овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир проговори за силувањето како „најефтиното оружје“ во воените конфликти. Денис Муквеге во таа прилика исто така се осврна и на тоа што таквото насилство значи за жените, колку слабо денес се сфаќа тежината на тоа злосторство и како да се казнат сторителите.
Во болницата Панзи во градот Букаву на истокот на Демократска Република Конго тој лекар помогнал на неколку илјади жени силувани во околности кои Муквеге ги нарекува „ниту мир, ниту војна, туку чиста неказнивост.“
Ватикан њуз/к.мк