Не заборавајте ја првата средба со Исус

Никогаш не треба да ја заборавиме првата средба со Исус – онаа која „го менува мојот живот“, затоа да ја бараме од Бог „благодатта за да ја памтиме секогаш“.

Тоа беше охрабрувањето на папата Фрањо за време на утринската литургија во петок 24 април во капелата на домот Санта Марта во Ватикан, повикувајќи се на средбата меѓу свети Павле и Исус по патот за Дамаск, кој го менува од гонител во апостол за христијаните (Дела, 9,1-20 ).

Според папата Фрањо, средбата е начинот со кој Бог избира да го промени животот на другите. Особено „првата средба“, која „го менува животот“. Тоа се случува со Павле од Тарс, Иван и Андреј кои поминуваат со Учителот „цела вечер“, со Симон Петар, кој се претвора во „камен“ за новата заедница. Истото се случува и со самарјанката, лепрозниот, кој се враќа да се заблагодари за исцелувањето, болната жена која се исцелува од облеката на Исус. Решавачки средби, рече Папата, кои треба да го водат христијанинот никогаш да не го губи од својата меморија првиот контакт со Исус.

„Тој никогаш не ја заборава, но ние ја забораваме средбата со Исус. Затоа, препорача Папата, убаво ќе биде да размислиме: „Кога Го почувствував Господ блиску до мене? Кога почувствував дека треба да го менувам својот живот, да станам подобар или да простам на некого? Кога почувствував дека Господ сака нешто од мене? Кога се сретнав со Господ? Бидејќи нашата вера е една средба со Исус. Ова е основата на верата: Го сретнав Исус, како Савле“.

Да се запрашаме уште: „Кога ти ми кажа нешто што го промени мојот живот или ме повика да го направам овој чекор во мојот живот?“. „Тоа е убава молитва која ви ја препорачувам за секој ден. А кога ќе се сетиш, овој спомен ќе те израдува, бидејќи е спомен за една љубов“.

Папата препорача уште нешто: „Побарајте ги во евангелијата оние моменти во кои Исус се среќава со луѓето, како ги избира своите апостоли, има толку многу средби со Исус. Можеби некоја од нив личи на мојата средба. Секој има своја средба со Исус“. Да не заборавиме дека за Христос „врската со нас“ значи преданост и заемна љубов, рече на крајот Папата.

РВ.В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот