Папата Фрањо во понеделник 11 септември 2023 година се сретна со членовите на италијанското здружение кое се грижи за работниците со попреченост и трудови инвалиди (АНМИЛ) и уште еднаш ја истакна потребата да се гарантира безбедноста и упати апел: „Ние сме луѓе, а не машини“.
„Безбедноста при работа е како воздухот што го дишеме: ја сфаќаме нејзината важност само кога трагично ја нема, а тогаш е секогаш доцна!
Папата Фрањо веќе зборуваше за трагичнитe несреќи на работното место, одговарајќи на прашање на новинар кој патуваше со него во авионот за Монголија, неколку часа по несреќата во Брандицо, недалеку од Торино, во која пет работници ги загубија животите во судир на воз. Во таа прилика Папата повторно истакна дека работникот е светост и дека вакви трагедии секогаш се случуваат поради невнимание.
Во понеделник 11 септември во Апостолската палата пред околу 300 членови на италијанското национално здружение на работници со попреченост и трудови инвалиди (АНМИЛ) кое слави 80 години од своето постоење, Папата повторно зборуваше на оваа тема, конкретно споменувајќи ги работниците кои загинаа во Брандицо.
Во говорот во кој се осврна на динамиката на трагедиите на работното место, Светиот Отец поттикна на почитување на правилата и како приоритет ја истакна одговорноста кон работниците.
Секој вооружен конфликт со себе носи многу инвалиди
Папата Фрањо го започна својот говор потсетувајќи на Втората светска војна – имено, во 1943 година беше основано споменатото здружение – што го наведе да се осврне на драматичните последици од – како што рече – лудило на војната; последиците кои го погодуваат цивилното население. Секој вооружен судир со себе носи многу осакатени луѓе, дури и денес – забележа Римскиот епископ.
Целосното признавање на достоинство на лицата со инвалидитет
Папата потоа изрази благодарност и ги охрабри присутните да не ги заборават правата на лицата со инвалидитет, посебно жените и младите:
Најпрво, ви благодарам за она што го правите за да ги заштитите и застапувате жртвите од несреќите при работа, вдовиците и децата на загинатите. Ви благодарам што посветувате големо внимание на прашањето за безбедноста на работното место, каде сè уште се случуваат премногу смртни случаи и несреќи. Ви благодарам за иницијативите што ги промовирате за подобрување на граѓанското законодавство поврзано со несреќи при работа и професионалната реинтеграција на лицата со инвалидитет.
Имено, не се работи само за гарантирање соодветна грижа и социјална заштита за оние кои имаат некаква форма на инвалидитет, туку и за обезбедување нови можности за луѓето кои можат да се реинтегрираат и чие достоинство треба целосно да се препознае. На крајот ви благодарам за вашата работа во сензибилизирање на јавното мислење за спречување на несреќи и безбедносни политики, посебно за доброто на жените и младите.
И покрај технологијата, несреќите сè уште се случуваат
Жалејќи што трагедиите и несреќите на работното место продолжуваат да се случуваат, и покрај технологијата што ја имаме за поддршка на безбедни места и времиња, папата Фрањо истакна дека понекогаш се чувствуваме како да слушаме воен извештај.
Тоа се случува кога работата се дехуманизира и, наместо да биде средство со кое човечкото битие се реализира, ставајќи се на располагање на заедницата, сето тоа станува претерана трка за профит. Трагедиите започнуваат кога целта веќе не е човекот туку продуктивноста, а човекот станува производна машина.
Безбедноста на работа е како воздухот што го дишеме
Во обид да се спречат несреќи на работните места обуката е многу важна:
Пријатели, задачите на образованието и обуките се основни, како во однос на работниците и работодавачите, така и во општеството. Безбедноста при работа е како воздухот што го дишеме: ја сфаќаме нејзината важност само кога трагично ја нема, а тогаш е секогаш доцна!
Човекот е „богослужбено место“; телото не е отпад
Својот говор Светиот Отец го продолжи со духовно размислување, цитирајќи го свети Павле кога зборува за телото како храм на Светиот Дух. Ако е така – рече Папата – тоа значи дека со грижата за неговата кревкост го славиме Бога. Човекот е „богослужбено место“, а грижата за него е односот со кој соработуваме во делото на Создателот.
Не може, во име на поголем профит, да се бара премногу работни часови, а со тоа да се намали концентрацијата или облиците за осигурување и барања за безбедност да се сметаат како непотребни трошоци и загуба на заработка.
Перење на совеста
Во завршниот дел од говорот, Римскиот бискуп се осврна на појавата која се нарекува „перење на совеста“, која ја смета за грд. Станува збор за однесување на претприемачи и законодавци кои наместо да инвестираат во безбедноста, претпочитаат да си ја исперат совеста со некакво добротворно дело.
Така, го ставаат својот јавен имиџ пред сè друго, станувајќи добродетели во културата или спортот, ставајќи на располагање уметнички дела или богослужбени места, но не обрнувајќи внимание на фактот, како што учи големиот отец и црковен учител: „Славата на Бог е живиот човек“ (Свети Иринеј Лионски, Против ересите, IV,20,7). Одговорноста кон работниците е приоритет: животот не може да се продаде за ништо, поготово ако е сиромашен, несигурен и слаб. Ние сме луѓе, а не машини, уникатни личности, а не резервни делови. Сепак, некои работници често се третираат како резервни делови.
Доверувајќи ги присутните на свети Јосиф, заштитникот на работниците инвалиди, Папата уште еднаш истакна дека секој човек е дар за заедницата и дека ако само еден човек е осакатен или се придонесе за неговиот инвалидитет, го боли целото општествено ткиво.
Ватикан њуз/к.мк