Недела по Богојавление

Недела по Богојавление

Размислување за Недела пред Богојавление според Евангелието од Матеј 4,12-17

Дали некогаш сте се запрашале како се чувствувал Христос кога слушнал дека Иван бил затворен и погубен? Чувствувал болка, тага, бидејќи најголемиот меѓу родените од жена e убиен од човечка рака.

Меѓутоа, и покрај тоа, Исус оди и проповеда. Во животот има различни болки, различни страдања и искушенија. Има болки и страдање кои можат да нѐ затворат, тогаш човекот останува во темнина и незадоволство цел живот, може да ја изгуби смислата и целта на својот живот. Тука е страдањето и болката, раните кои болат, кои крварат и нѐ повикуваат на борба за живот.

Господ Исус Христос ни дава пример дека и покрај сето тоа не смееме да застанеме, мора да одиме да го проповедаме Евангелието, да проповедаме дека Царството Божјо е близу, дека е веќе тука. Исус ја избира Галилеја за да ги побара загубените овци. И овде во исто време гледаме дека Тој заминува од Назарет, за да не го загрози својот живот, бидејќи Неговиот час уште не е дојден.

Сè уште не е дојдено времето Исус да го даде својот живот за мене, за тебе и за секој од нас. За да дојде тој час, мора да се навести радосната вест, да се проповеда Евангелието. Исус проповеда за Царството Божјо, бидејќи каде што е Тој, таму е и Царството, тоа се исполнува во Него.

Често се молиме за Царството Божјо, го посакуваме негово доаѓање, но за жал поради некоја причина не доволно веруваме во неговото постоење. Ако го погледнеме нашиот секојдневен живот ќе забележиме дека повеќе размислуваме за богатството, за материјалните работи, отколку за делата Божји, за Царството Божјо. Размислуваме за сегашноста, а Господ вели дека Царството Божјо е нешто многу повеќе.

Секој од нас треба да размисли: „Што сакам денес? Дали барам богатство и утеха овде на земјата, живеејќи како да немам душа, како да нема Бог, како да нема вечност. Евангелијата често велат дека Царството Божјо е близу, но за жал, за многумина е многу далеку, за многумина е недостижно. Господ нè повикува, а ние бегаме од Него, Господ е близу, а ние велиме дека не сакаме да Го видиме. Господ доаѓа, а некои велат: „Бегај од мене, остави ме“. И зависи од секој од нас, од нашиот живот, од нашиот избор: дали Господ ќе биде блиску или далеку од нас, дали Царството Божјо ќе биде блиску и далеку.

Исус го напуштил Назарет и заминува во Капернаум, трговски град каде се собирале карвани од сите страни, град кој ги поврзувал сите земји со Дамаск. Исус оди во епицентарот на тогашниот трговски свет за да го проповеда Царството Божјо, да го проповеда Словото Божјо. Пророкот Исаија вели дека Господ доаѓа да ги просветли оние што се во темнина. Страшно е да се живее во темнина, но уште пострашно е да се живее во лажен свет.

Современиот свет ни нуди многу замени. Можеби секогаш ни се чини дека живееме со Бога, дека живееме во Царството Божјо, но тоа не е така. Не ни требаат никакви замени, потребна ни е лична средба со Христос, со Христос кој доаѓа да го промени животот на секој од нас. Можеме да живееме и да се преправаме дека немаме проблеми, немаме искушенија, немаме пречки. Па дури и не забележуваме дека тоа воопшто не е живот, туку животарање. Секогаш треба да се отвориме за Исус и постојано треба да ги изговараме овие важни зборови: „Исусе, Сине Божји, помилуј ме“.

Исус ја започнува својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството Божјо. Денес Црквата истите тие збороби ги упатува до нас: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно; покајте се, отворете се за Христовото доаѓање“. Сè додека живееме, сè уште додека имаме време да се покаеме, можеме целиот живот да го насочиме за да се промениме. Царството Божјо е близу, но за да го видиме треба да се покаеме. Навикнати сме покајанието да го одложуваме за утре, задутре, а дали сме сигурни дека ќе го дочекаме тоа утре. На крајот на краиштата, Исус доаѓа овде и сега.

Евангелистот Иван вели: „Словото стана тело и се всели меѓу нас“. Ова Слово е Господ, кој треба да живее во вас, во мене, во секој од нас. И ние можеме да го прифатиме тоа Слово, а можеме и да го отфрлиме. Исус го проповеда евангелието, односно радосната вест, но во што се состои за нас таа радосна вест? Дека Исус го менува твојот и мојот живот.

А што покажуваме со нашите животи: дали зборуваме за некои привремени вредности или за нов iPhone, телевизор или автомобил? Дали проповедаме за Христос таму каде што сме? Дали на сите им зборуваме за радосната вест и Христос, или зборуваме и прераскажуваме за гласини и озборувања? За да можеме го проповедаме Христос, прво треба да се сретнеме со Него, и за тоа мора да се покаеме, да го промениме сопствениот живот. Како што вели Иван Претеча: „Израмни го патот за Господ, израмни го сопствениот живот“.

Во евангелијата читаме дека кај Исус биле донесувани разни болни луѓе и Тој ги лекувал. Секој од нас е болен. Можеби не ни знаеме, но сите страдаме од себичност, омраза, гордост, осуда, непослушност, а можеби и нешто друго. Важно е сето ова да се донесе на Христос и да каже: „Господи, многу сум уморен во животот од ова, ослободи ме“. Христос го менува целиот свет, од малото место Назарет, неговото евангелие се шири низ целиот свет, исто така нешто големо може да започне и во нашите животи од мала средба, но неопходно е да се случи таа средба со Христос. Да го молиме Господ да влезе во нашите животи и да ги промени. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот