Недела на Раслабениот

Недела на Раслабениот

Размислување за неделата на Раслабениот, според Евангелието од Иван  5,1-15

Евангелие наменето за Недела на Раслабениот ни ја открива Божјата љубов кон луѓето, посебно кон оние кои страдаат и дека Бог сака да му помогне на човекот во конкретни околности, во одредена потреба.

За тоа сведочи и овој евангелски настан. Доаѓа Христос и забележува кај бањата Витезда фатен човек кој е во таква состојба триесет и осум години. Во таа бања луѓето се лекувале, верувајќи дека кога водата ќе се раздвижи има посебна сила за лекување. Но, како што истакнува фатениот немало кој да го однесе во водата, кога таа ќе се раздивижи. Замислете дека дури триесет и осум години овој човек имал потреба за помош од друг човек и немало кој да му ја даде!

Но, овој настан од Евангелието не е единствен, сигурно такви има многу повеќе и денес во нашите општества, само ако погледнеме наоколу: колку луѓе ја чекаат мојата помош со години… Ајде да ги отвориме очите за да видиме кои луѓе ја чекаат нашата помош и тоа не се денови или седмици или месеци, туку со години!

Кога читаме од Светото Писмо за Исусовите „ученици и апостоли, мора да се запрашаме зошто не постапуваме според авторитетот што тие го имале. Зошто не правиме чуда, не проповедаме за да се преобратат луѓето…

Би било погрешно да се мисли дека тие, апостолите, биле посебни, или пак дека Бог не ни ја дава таа власт сега да дејствуваме во Негово име како што некогаш им дал на Своите први следбеници.

Ако едно нешто нѐ разликува од нив, тоа е што тие го имаа искусено Бог, можеа да се обратат на Него со таква доверба, па така Бог правеше и понатаму чуда преку нив. Но Бог и тогаш и денес е истиот, непромент.  Зошто Бог сега не прави чуда, преку нас? Дали е тоа затоа што не може? Дали е тоа затоа што даровите на Светиот Дух не се потребни сега во животот на христијанската заедница?

Ако знаеме дека Бог е истиот, тогаш проблемот што најверојатно го имаме е нашата не/доверба во Него. И нашата самодоверба расте додека повеќе Му веруваме и даваме плод. Тоа е како маѓепсан круг, колку повеќе веруваме во Бог, толку повеќе даваме плод, толку повеќе растеме во верата.

Затоа, да се обидеме што почесто и што повеќе да се препуштаме со доверба на Бог, а Бог, како што ги правел чудата за кои читаме на страниците на евангелијата, е подготвен да направи чуда и во нашите животи и за нашите конкретни потреби.

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот