На денешен ден во 1888 година: Сестра Еврозија Алоати се збогува од Италија и тргнува за Македонија.
Најпосле настапил толку очекуваниот ден – 3 февруари. Рано наутро Еврозија придружена од својата сестра Наталија отишла во црквата „Тело Христово“ када се причестила за последен пат.
Од црквата се вратила веднаш дома и влегла во собата на своите родители. Моментот бил трогателен, кога Еврозија паднала на колена и барала благослов од своите родители и од нејзиниот вујко дон Кико. Сите плачеле, а само Еврозија била спокојна и се збогувала љубезно по што со насмевка на усните се упатила кон станицата, каде сестра Виченца Пучи ја чекала за да замине со неа за Ѓенова.
Во големиот пристаништен град тие пристигнале попладне и чекале до 17 часот за да се качат на бродот со кој требало да патуваат за Солун. На пристаништето забележила група милосрдни сестри кои ја испраќале за Солун госпоѓица Кончета, назначена за учителка во пансионот на сестрите. Точно во 18 часот по дадениот сигнал бродот тргнал кон југ. Двете сопатнички се зближиле многу. Тие си размениле мисли за нивната идна мисија.
-Кажете ми, запрашала Кончета, зашто го оставате убавиот и мил град Торино, со вашите богатства и роднини и заминувате во еден далечен град. Вие, барем не сте како мене, сиромашна и изоставена која одам во Солун за да работам во училиштето при познати сестри.
-Мила Кончета, одговорила Еврозија, и јас одам при познати. Таму е мојот мил брат Јосиф, кој е свештеник и мисионер. Тој ме вика за да му помагам во неговата мисија.
-Но со што ке му помагате? Да не е одреден да ги опслужува италијанците во Солун?
-Не драга Кончета, нему му е доверена мисија да се грижи за духовното спасение на македонското населене.
-Како, знае ли македонски јазик, вашиот брат?
-Да знае, зашто ми пишува дека тој ке ми го предава тој јазик.
-Значи нема да бидеме заедно?
-Ќе поминеме заедно една година додека го научам македонскиот јазик.
Бродот отпатувал меѓу Корзика и Италија. Морето било разбранувано и Кончета која не била навикната да патува со брод се разболела од морска болест.
Еврозија започнала да ѝ помага на својата пријателка, советувајќи ја да лежи. Ја оставила Кончета да мирува, а таа сама отишла на палубата за да си ја каже утрената молитва. Листејќи ги страниците од молитвеникот таа видела една мала третратка од 16 страници, напишана со ситниот и јасен ракопис на својот брат Јосиф. Листовите содржале толкување на химната „Мојата душа го велича Господа”, напишана од отец Јосиф за сопствена употреба. Еврозија со голема наслада го прочитала толкувањето на химната на Марија и ѝ оставил голем впечаток, така што низ целиот живот таа тетратка ѝ била најсаканато четиво. Таа во него открила цела програма за својот живот во служба на Бога. Секој збор во тоа толкување се врзувало во нејзината душа, зашто таа секогаш била особено набожна кон Пресвета Богородица, која ја сметала за своја мајка.
На бродот се забележало раздвижување, луѓето започнале да излегуваат на палубата да дишат свеж воздух. Таа се вратила при Кончета која почувствувала извесно подобрување штом нејзината другарка започнла да ја занимава со пријатниот разговор.
Времето поминувало незабележано, иако патувањето продолжило доста долгу време…
На 13 февруари утрото бродот стигнал во Солун. Еврозија и Кончета биле многу разбранувани кога пред нивниот поглед се претставил убавиот град Солун.
Бродот влегувал бавно во пристаништето и запрел на извесно растојание од брегот. Еврозија и Кончета на кејот ги забележале корнетите на милосрдните сестри кои ги чекале со нетрпение. Разговарајќи весело со сестрите, Еврозија и Кончета се качиле во чамецот кој ги однел на брегот.
По половина час Еврозија и Кончета биле веќе во заедницата на милосрдните сестри, пречекани радосно од сите. Тука Еврозија била радосно изненадена кога го видела својот мил брат, отец Јосиф кој се научил за нејзиното пристигнување и ја чекал со нетрпение. Средбата била многу трогателна. Одговорната сестра, сестра Елисавета била сведок на радоста кога се сретнале Еврозија и отец Јосиф. Истиот ден отец Јосиф напишал писмо до домашните со кои ја споделил радоста за пристигнувањето на Еврозија во Солун.
Отец Јосиф презел мерки за да ја подготви својата сестра за големото дело кое ѝ претстоело – да ја основа Заедницата на Сестрите Евхаристинки предодредено да служи на верниците во Македонија. Началникот на Лазаристите во Солун отец Бонети многу го сакал македонскиот народ и како парох на католиците во Солун често имал можност да ја оцени нивната благочестивост. Отец Бонети прв му сугерирал на отец Јосиф да основи една месна заедница на сестри која ќе се посвети исклучиво за служење на македонските верници. Сега идејата на отец Бонети била пред остварување: Еврозија која требало да биде натоварена со таа мисија била веќе во Солун. Било решено Еврозија да остане една година кај сестрите милосрдници за да го научи македонскиот јазик и да се подготви за возвишената мисија.
Следиот ден, 14 февруари, празникот Сретение Господово, по стар календар отец Јосиф служел литургија во црквата „Безгрешно зачатие” кај сестрите милосрдници. По литургијата отец Јосиф сам ја претставил својата сестра на ученичките македонки и им објаснил дека Еврозија, повикана од Бога ја напуштила својата татковина и своите мили родители, за да се посвети на мисијата да служи на македонскот народ. Еврозија со својата понизност, оставила одличен впечаток не само на ученичките, туку и на сестрите. Една сестра која имала можност да се запознае со Еврозија уште од првиот ден на нејзиното пристигнување во Солун ќе каже: „Еврозија остави впечаток на лице кое можеше да поднесува страданија и искушенија. но ќе ја има ли потребната иницијатива да ја исполни мисијата со која ќе се натовари? Фактите докажаа дека првиот мој впечаток беше точен, зашто многу пати сум ја посетувала сестра Еврозија во Солун и таа секогаш ми зборуваше со солзи во очи за тешкотиите низ кои поминуваше заедницата, но христијанската доблест не ѝ дозволуваше разочарувањето да земе замав. Што се однесува до иницијативата Еврозија никогаш не сакаше да прави нешто сама, туку секогаш се предаваше целосно на Божјата волја, која ја раководеше во сé”.
Не поминале ниту два месеци од пристигнувањето на Еврозија во Солун кога таа покажувала такви успеси во изучувањето на македонискот јазик што сестра Елисавета ја задолжила да предава некои предмети на ученичките македонки. Ученичките биле изненадени колку убаво зборува македонски и често ја прашувале во кој македонски град го учела македонскиот јазик пред да стигне во Солун.
Сестра Евгенија, која тогаш била ученичка во пансионот заедно со уште седум македонки, на следниот начин го опишува впечатокот од првиот час на Еврозија во класот: „Сестра Елисавета ја воведе Еврозија во класот и рече: „тука се питомките и меѓу нив осум македонки за кои ви зборував.” Еврозија нѐ замоли да излеземе од клупите и да се доближиме до неа. Таа не прегрна една по една и заплаче од радост. Сестра Елисавета исто со солзи во очи додаде: „Тие се првите македонки кои ќе ви ги доверам за да направите од нив добри христијанки….” Сестра Еврозија остави неизбришливи впечатоци во мене и во моите другарки. Нејзиниот поглед беше толку мил и нежен што ние плачевме од радост. Кога го гледав тоа мило лице и тој благ поглед, јас си спомнав за мајка ми со која се разделив пред три месеци. Како некој внатрешен глас да ми кажа: „Во иднина таа ќе биде твоја мајка.” И тоа излезе, зашто Еврозија беше моја мајка не само кога бев ученичка, туку и после, кога станав сестра евхаристинка, па и до самата смрт на нашата основателка, таа беше за нас сите најнежна мајка…”
Драги девојки, Еврозија је напуштила својата татковина, своите родители, браќа и сестри, материјалното богатство, зашто Бог ја повикал да работи на Неговото поле во Македонија. На тој повик таа одговорила како Марија: „Некаа биде Божјата волја.” Испитајте се дали Бог не бара и од вас да му се посветите како сестри Евхаристинки. Ако навистина тој ве вика бидите штедри и дарувајте го својот живот на Бог служејќи му во лицето на секој човек.
Од „Добротоврното дело на отец Јосиф и сестра Еврозија Алоати”
Сестри Евхаристинки – Гевгелија