Папата Фрањо во среда 5 август 2020 година, после летната пауза, продолжи со Генералната аудиенција во среда, и започна нова серија катехези поврзани со пандемијата. Мораме цврсто да го упатиме својот поглед во Исус и со вера да се прифати надежта за Царството Божјо. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Пандемијата продолжува да предизвикува длабоки рани, откривајќи ја нашата ранливост. Има многу починати, уште многу повеќе заболени, на сите континенти. За многу луѓе и многу семејства ова е време на неизвесност поради социјално – економските проблеми од кои посебно се погодени најсиромашните.
Затоа мораме цврсто да го упатиме својот поглед во Исус (сп. Евреите 12, 2) и со таква вера да ја прегрнеме надежта за Царството Божјо кое ни го донесува самиот Исус (сп. Марко 1, 5; Матеј 4, 17; ККЦ, 2816). Тоа е Царството на оздравување и спасение кое веќе е присутно меѓу нас (сп. Лука 10, 11). Тоа е Царството на правда и мир кое се гледа во делата на љубов, кои пак ја зголемуваат надежта и ја зајакнуваат верата (сп. 1 Коринтјаните 13, 13). Во христијанската традиција верата, надежта и љубовта се нешто многу повеќе од чувства и ставови. Тоа се крепости излеани во нас преку милоста на Светиот Дух (сп. ККЦ, 1812-1813): Дарови кои нѐ лекуваат и преку кои стануваме исцелители, дарови кои ни отвораат нови хоризонти, па и кога пловиме по бурните води на нашето време
Новата средба со Евангелието на верата, надежта и љубовта нѐ повикува да стекнеме креативен и обновен дух. На тој начин ќе успееме радикално да ги промениме корените на своите телесни, духовни и социјални слабости. Ќе можеме во корен да ги оздравиме неправедните структури и деструктивни постапки кои нѐ одвојуваат едни од други, претставувајќи закана за човечкото семејство и нашата планета.
Исусовата служба ни дава многу примери на оздравувања. Кога ги оздравува оние кои се погодени од треска (сп. Марко 1, 29-34), лепра (сп. Марко 1, 40-45), фатеност (сп. Марко 2, 1-12); кога го враќа видот (сп. Марко 8, 22-26; Иван 9, 1-7), говорот или слухот (сп. Марко7, 31-37), всушност не ја лекува само физичката болест, туку целата личност. На тој начин тој исто така го враќа во заедницата, го ослободува од изолираноста.
Да се присетиме само на прекрасниот извештај на оздравувањето на фатениот човек во Капернаум (сп. Марко 2, 1-12), кој го слушнавме на почетокот од аудиенцијата. Додека Исус проповеда на влезот од куќата, четворица луѓе го доведуваат кај Исус својот фатен пријател. Откако нема да успеат да го внесат, прават отвор на кровот и го спуштаат со носилката до Исусовите нозе, кој проповеда. Кога ќе ја види нивната вера, ќе му каже Исус на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои“ (р.5). А потоа како видлив знак додава: „Стани, земи си ја постелката своја и оди си“ (р.11).
Прекрасен пример на лекување. Исусовото делување е директен одговор на верата на тие луѓе, на надежта која ја полагаат во него, на љубовта која ја покажуваат дека ја имаат еден кон друг. Значи Исус оздравува, но не лекува едноставно од фатеноста, туку ги простува гревовите, го обновува животот на фатениот и неговите пријатели. Изведува, така да кажеме, ново раѓање. Телесното и духовното оздравување е плод на личната и општествената средба. Можеме да си претпоставиме колку многу пријателството и верата на сите присутни во таа куќа пораснале, благодарејќи на Исусовото дело. Тоа е средба со Исус која оздравува.
Да се прашаме денес: Како можеме да му помогнеме на светот да оздрави? Како ученици на Господ, кој е лекар на душата и телото, повикани сме да го продолжиме „неговото дело на лекување и спасување“ (ККЦ, 1421) во телесна, општествена и духовна смисла.
И покрај тоа што Црквата со светите Тајни ја поделува Христовата милост на оздравување и покрај тоа што дава здравствени услуги и на најоддалечените делови на планетата, не е стручњак за спречување или лекување на пандемијата. Не дава исто и прецизни општествено – политички упатства (сп. Свети Павле VI. Апостолско писмо: Octogesima adveniens, 14. мај 1971., 4). За тоа се задолжени политичките и општествените лидери. Сепак, низ многуте векови, и во светло на Евангелието, Црквата развила некои основни начела за својата социјална наука (сп. Компендиум на Социјалната наука на Црквата, 16-208), кои можат да ни помогнат да напредуваме на нашиот пат како би создале предуслови за иднината кон која чекориме. Ќе споменам само главни начела, кои тесно се поврзани: достоинството на личноста, општо одбор, привилегирана определба за сиромашните, општа намена на добрата, солидарност, супсидијарност, грижа за заедничкиот дом. Тие начела им помагаат на лидерите, во чии раце е одговорноста за општеството да донесат поволности, и како во овој случај со пандемијата, оздравување на личното и општественото ткиво. Сите тие начела на различни начини ја искажуваат крепоста на верата, надежта и љубовта.
Ве повикувам во седмиците кои се пред нас заеднички да се зафатиме со справување со горливите прашања, кои произлегоа на виделина за време на пандемијата. При тоа најмногу мислам на болестите на општеството. Да го правиме тоа во светло на Евангелието, богословските крепости и начелата на социјалната наука на Црквата. Да истражиме како нашата католичка социјална традиција може да му помогне на човечкото семејство за да се излекува овој свет во кој страдаме од сериозни болести. Моја желба е како следбеници на Исус, кој лекува, да размислуваме и работиме заедно, за да изградиме подобар свет, полн со надеж за иднините генерации (сп. Апостолски поттик Evangelii gaudium, 24. ноември 2013., 183).
Ватикан њуз/к.мк