Националниот координатор на Папските мисиски дела во БиХ ја посети Црквата во Македонија

Од 15-18 ноември 2014 година Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија ја посети националниот координатор на Папските мисиски дела во Босна и Херцеговина, дон Иван Штироња, со цел запознавање со посланието и делувањето на Папските мисиски дела.

Во сабота 15 ноември во попладневните часови, во придружба на скопскиот парох дон Давор Топиќ и капеланот дон Јошт Мезег, дон Иван беше примен од Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов. Дон Иван ја претстави на бискупот Стојанов работата на Папските мисиски дела, кои се раширени по светот, а чие седиште е во Рим. „Папските мисиски дела сочинуваат една единствена установа која има четири ограноци: Дело за ширење на верата, Дело на светото детство, Дело на свети Петар апостол и Мисиската заедница на свештеници, монаси и монахињи, кои имаат за цел да ја шират мисионерската свест и во тој дух да им помагаат на оние во потреба, рече дон Иван.

Бискупот му се заблагодари на дон Иван за неговото присуство, како и на мисионерските материјали кои мисионерскиот центар од Сараево е подготвена да ги стави на располагање на Католичката црква во Македонија. Во вечерните часови дон Иван Штироња ја посети заедницата „”missio ad gentes” во Куманово и за време на Евхаристиското славење одржа проповед. Одговорниот на заедницата Јосип Вуковиќ на дон Иван му ги претстави четирите семејства од Неокатекуменскиот пат од Хрватска, кои веќе четири години се во послание во Куманово, предводени од дон Хуан Мануел Кастро.

Во недела 16 ноември во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ дон Иван ја предводеше светата Миса и во таа прилика зборуваше за посланието на Папските мисиски дела и даде свое сведоштво за неговиот четиригодишен престој како мисионер во Танзанија. Во вечерните часови во парохиската сала на Пасторалниот центар одржана е трибина на тема „Мисии“, која започна со филм за една мисија во Конго, кој создаде амбиент за сведоштвото на Иван и понатамошен разговор. Иван нагласи дека секој може да биде мисионер, дали со молитва, паричен прилог или самиот да се упати во мисии…  Заврши со разговорот на блажена Мајка Тереза со новинарот, кој имаше намера да ја испровоцира, велејќи дека кога таа ќе умре светот ќе изгледа исто како и пред неа, гледајќи песимистички на нејзниот труд. На тоа блажена Мајка Тереза одговри дека никогаш и не сакала да го промени светот, туку дека само настојува да биде капка чиста вода. „Секој од нас треба да биде капка во морето на љубовта“, рече дон Иван Штироња.

Во понеделник 17 ноември дон Иван заедно со бискупот Стојанов ја посети катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица и се сретна со свештениците од Апостолскиот егзархат, на кои им ги претстави Папските мисиски дела, со нагласок дека мисонерската свест треба да ја негува секој свештеник. На свештениците им подари мисиски материјали со катехези за раст во верата и градење на мисионерската свест кај верниците. На крајот од средбата епископот Стојанов се заблагодари на дон Иван Штироња за неговото доаѓање како и за сведоштвото на верата и повикот за градење на мисионерската свест.

Националниот кородинатор на Папските мисиски дела во Босна и Херцеговина својот престој во Македонија го заврши во вторник 18 номеври со света Литургија во „Спомен куќата на Мајка Тереза“ и се сретна со директорката Рената Кутер Здравковска.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот