Надежта не е оптимизам, туку копнеж за објава на Синот Божји
Надежта не е оптимизам, туку копнеж за објава на Синот Божји – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 29 октомври во капелата на домот Света Марта, на која беа присутни група свештеници од Мексико.
Осврнувајќи се на читањето од Посланието на свети Павле до Римјаните, папата праша: Што е надеж за христијанинот? Коментирајќи го делот од Посланието, ја истакна единствената димензија на христијанската надеж. Не станува збор за оптимизам, туку за „жарко исчекување“ за објава на Синот Божји. Сѐ што е создадено е подложено на пропаѓање, а христијанинот живее во напнатост помеѓу надежта и ропството. Христијанската надеж никогаш не разочарува; сигурна е – рече Светиот Отец, додавајќи, понекогаш мислиме дека оптимистот е човек кој се надева, што не е вистина.
Христијанската надеж не е оптимизам, не е способност за добронамерно гледање на работите со чекорење напред. Тоа е оптимизам, а не надеж. Некои луѓе на сѐ гледаат позитивно, што исто така не е лошо, но тоа не е надеж. Што е навистина надежта, не е лесно да се сфати. Се вели дека таа е најпонизна крепост, бидејќи во животот се крие. Верата се гледа, се чувствува и се знае што е. Љубовта е делотворна и се знае што е . Но, што е надежта и како се манифестира? Кога барем малку би сфатиле што е надежта, ќе можеме да кажеме дека пред сѐ е, ризик, таа е ризична крепост; тоа е крепост – како вели свети Павле – жарко исчекување“ насочена кон објава на Синот Божји. Не е илузија – објасни папата Фрањо.
Да се надеваш всушност значи: „да бидеш во напнатост во исчекувањето кон таа објава; кон радоста која устата ќе ни ја исполни со насмевка.“ Свети Павле сака да истакне дека надежта е нешто повеќе од оптимизмот, различна од него. Првите христијани надежта ја претставувале со сидро: надежта била сидрото фрлено во вечноста, а нашиот живот е одење кон тоа сидро – рече Папата, додавајќи:
Се прашувам: „Каде сме ние закотвени; секој од нас? Дали сме закотвени на брегот на далечен океан или во вештачко езеро, кое сме го создале со своите правила, однесување, уредување на времето и клерикализами. Дали сме закотвени во удобност и сигурност? – Тоа не е надеж!… Каде е моето срце закотвено, во тоа вештачко езеро, со непорочно однесување…?
Свети Павле надежта ја отсликува со уште една слика: раѓање. Во очекување сме – рече Папата – а тоа е раѓање. Надежта е во таа динамика: дава живот, но не се гледа – рече – првина на Духот, иако Тој делува. Делува во нас како мало синапово зрно, иако премало, полно со живот кое се развива во големо стебло. Духот делува како квасецот. Неговото делување не се гледа, но е присутно. Тоа е милост за која треба да молиме – рече Светиот Отец.
Едно е да живееш во надеж, бидејќи во надежта сме спасени; друго е пак да живееш како добар христијанин и ништо повеќе. Да живееш во исчекување на Објавата или пак добро да живееш со Заповедите.; да бидеме закотвени во вечноста или во вештачкото езеро.
Размислувам за Марија, млада девојка, која почувствувајќи дека е мајка го промени своето однесување и брза, помага и ја пее пофална химна. Кога некоја жена е бремена, не е повеќе само жена, туку и мајка. И ова карактеристика има надеж, го менува нашето однесување: стануваме закотвени во вечноста – објасни Папата и ги поттикна мексиканските свештеници да се обраќаат на Марија, Мајка на надежта, годините да им ги исполни со надеж за да можат на другите да ја даруваат.
Извор: РВ/Превод: Д.И.