Моштите на свети Фрањо од Асизи се јавно изложени за почитување

Моштите на свети Фрањо од Асизи се јавно изложени за почитување

Во градот Асизи, во сабота, 21 февруари, започна првото јавно и подолготрајно изложување на моштите на свети Фрањо од Асизи, во рамките на одбележувањето на 800-годишнината од упокојувањето на светителот (1226–2026).

Тоа утро беше отворен саркофагот во криптата на базиликата, во присуство на заедницата на Светиот манастир на фрањевците конвентуалци, а моштите беа изложени за поклонување од страна на браќата.

Истата ден напладне, во салата „Чимабуе“ на конференцискиот центар Colle del Paradiso, беше одржана официјална презентација на изложбата пред претставници на црковните и граѓанските власти. Изложбениот проект е подготвен во 2023 година, а реализиран со поддршка на црковни институции и во рамките на јубилејната година посветена на 800-годишнината од упокојувањето на свети Фрањо.

Во попладневните часови, реликвијарот со моштите беше пренесен од криптата во долната базилика и поставен пред олтарот. Реликвијарот го пренесоа четворица фрањевци, со учество на претставници на фрањевските редови и на водителите на литургиското славење. Вечерната молитва ја предводеше кардиналот Фернандес Артиме, папски легат за папските базилики во Асизи и пропрефект на Дикастеријата за установите на посветен живот и дружбите на апостолскиот живот. Настанот го пренесуваше италијанската јавна телевизија Rai 1, во рамките на емисијата „A Sua Immagine“.

Во вечерната програма беше одржан и музички настап на Schola Cantorum од Лондонската ораториска школа.

Следниот ден, 22 февруари, кардиналот Фернандес Артиме ја предводеше светата Литургија, со која официјално беше отворено јавното изложување на моштите на свети Фрањо по повод 800-годишнината од неговото упокојување, за целиот Божји народ. Литургиските славења и придружната програма продолжуваат до 22 март, кога завршната света Литургија ќе ја предводи кардиналот Матео Марија Цупи, надбискуп на Болоња и претседател на Италијанската бискупска конференција. Во предвидената програма учествуваат генералните провинцијали на фрањевските редови (OFMConv, OFMCap и OFM), како и претставници на Третиот ред (TOR) и на други заедници од фрањевското семејство.

Во периодот од 22 февруари до 22 март, на верниците им е овозможен пристап до долната базилика, каде што посмртните останки се изложени во проѕирен саркофаг. Посетата е возможна со претходна бесплатна резервација, поради организација и безбедност. Предвидени се и организирани посети со кратко толкување, како и време за лична молитва.

Според достапните податоци, интересот е многу голем. Веќе се евидентирани околу 400 илјади резервации, а се проценува дека во текот на еден месец се очекуваат околу 700 илјади ходочесници. Најголем дел од посетителите доаѓаат од Италија, а значителен број доаѓа и од други земји, меѓу кои се Соединетите Американски Држави, Хрватска, Словачка, Бразил, Франција, Обединетото Кралство, Индонезија, Јапонија, Кенија, Јамајка и Сингапур. Во организацијата учествуваат повеќе од 400 волонтери од бројни црковни и граѓански организации, како и околу 90 монаси кои се постојано вклучени во прославата.

Изложувањето се одвива во Великиот пост. Покрај секојдневните литургиски славења, програмата опфаќа средби со млади, молитвени средби за различни групи, културни и музички настани, како и организирани посети на фрањевските места во градот.

Можноста за вакво изложување е поврзана и со долгата историја на чување на моштите од страна на фрањевците конвентуалци и со научните истражувања на посмртните останки. По смртта на свети Фрањо во 1226 година, неговото тело во 1230 година било пренесено во новоизградената базилика и било сокриено заради заштита. Гробницата повторно била откриена на 12 декември 1818 година, по ископувања одобрени од папата Пиј VII, а во 19 век била изградена крипта за да се овозможи организирано почитување на моштите на светителот.

Во 1978 година, со одобрение на папата Павле VI, било спроведено службено научно истражување под раководство на професорот Николо Валентино Мијани. Тогаш биле собрани податоци за телесните карактеристики на светителот, вклучувајќи проценета висина од околу 1,57 до 1,58 метри, како и промени на коските на стапалото поврзани со долготрајни физички напори и болест. Потоа посмртните останки биле сместени во реликвијар со контролирани услови на чување. Дополнителни истражувања во 1994 и 2015 година ја потврдиле стабилноста на системот и зачуваноста на моштите.

За организацијата на настанот е воспоставена соработка меѓу црковните и граѓанските институции, вклучувајќи планови за прием на посетители и безбедносни мерки. Регионот Умбрија го поддржа одбележувањето на 800-годишнината и со посебен проект за изградба на одделение за детска онкологија во рамките на регионалната мрежа за палијативна грижа, на кој ќе придонесат и собраните донации.

Во рамките на јубилејот е најавена и средба на фрањевската младина „GO!“, која ќе се одржи во Асизи од 3 до 6 август 2026 година, со учество на млади од различни европски земји. Веќе е најавено и учеството на папата Лав XIV на таа средба.

Изложувањето на моштите е дел од пошироката програма за одбележување на 800-годишнината од упокојувањето на свети Фрањо, со која се настојува да се потсети на неговото место во историјата на Црквата и во фрањевската традиција, како и да им се овозможи на верниците активно учество во јубилејното одбележување.

Ика/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот