Монсињор Палија ги претстави во Филаделфија целите на Светската средба на семејствата 2015

Претседателот на Папскиот совет за семејството, монсињор Винченцо Палија, кој е во посета на Филаделфија – САД, во пресрет на одржувањето на Светската средба за семејството 2015, ќе престојува во Њујорк на 15 и 16 мај. Пред Обединетите нации, тој ќе ги претстави целите за 8. Светска средба на семејства, дваесет години по првото прогласување на Светскиот ден на семејството од страна на ОН.

Во интервју за Радио Ватикан, монсињор Палија истакнува дека „средбата се помества во рамките на престојната Синода, посветена на семејството и овие два настани би требало да бидат следени како еден вид на нова пролет за христијанските семејства. Тоа значи учество на сите парохии и особено на оние движења и здруженија за семејството кои се свесни за итната потреба од сведоштво за убавината на семејниот живот, во свет во кој се шири културата на непријателство кон оваа институција“. Претседателот на Папскиот совет прецизира дека „првото прашање е да се разбере дека создавањето на семејство е од суштинско значење за животот на Црквата и за самото општество. Постои еден толку силен индивидуализам кој не само што ги вознемирува веќе формираните семејства, туку и ја отстранува желбата за брак и за добивање деца токму преку институцијата семејство“.

Монсињор Палија ги истакнува и воспитните проблеми, имено „постојат во моментов големи разлики меѓу генерациите, како и потешкотија да се живее со идеали како солидарност, пријателство, љубов, посветеност, кои мора под итно да се повратат“. Монсињор Палија го нагласува и проблемот со постарите луѓе, како и односот помеѓу семејството и вработувањето. Тој на важно место ја истакнува и духовната димензија на семејниот живот – не само како да се пренесува верата, туку, пред сè како да се живее.

Во заклучокот Претседателот на Папскиот совет истакнува дека брачното соединување денес не се разбира повеќе како ангажман за градење на заедничка иднина. Постои еден вид антисемејна култура која е многу опасна за изградбата на општеството.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот