Монсињор Галагер: Папата нè повикува да гледаме на светот со очите на милосрдието
За обраќањето на папата Фрањо до дипломатскиот кор, акредитираните дипломати при Светиот Престол, на традиционалната годишна средба на 11 јануари, за Радио Ватикан коментар даде монсињор Пол Ричард Галагер, Секретар за односи со државите.
„Мислам дека Светиот Отец посака да погледне низ оптиката на духовното на таа конфликтна светска ситуација“, истакна монсињор Галагер. „Папата успеа да го вметне сето тоа во контекст на Јубилејот на милосрдието, јубилеј, за време на кој треба да гледаме на меѓународната ситуација со очите на милосрдието. Папата презентирајќи ја листата со проблеми од светските конфликти, упати и некои обвиненија, но не со тон на осуда. Светиот Отец сака од нас да се почувствуваме навистина поттикнати, па ние, во својство на човечкото општество, како и одделните земји – да бидеме во можност да ги разгледаме овие прашања. Тоа се многу сериозни проблеми, како што е проблемот со миграцијата.
Но ние треба да сме во состојба да се справиме со овие ситуации. Папата Фрањо посака навистина, да даде позитивен поттик, кој е и предизвик за меѓународната заедница, претставувана од амбасадорите при Светиот Престол, но во исто време сакаше да каже: „Да бидеме милостиви, да се обидеме да работиме на ова прашање; Светиот Престол е подготвен да соработува, да биде блиску до вас, самиот Папа ќе биде до вас“.
На прашање на новинарката за тоа како Светиот Отец категорично го осуди тероризмот и оние кои го злоупотребуваат името на Бог, за да убиваат, и за коментар за упорниот повик на Папата за важноста на дијалогот и соработката со муслиманскиот свет, монсињор Галагер одговори: „Да, тоа се двата пола. Да се истакнува важноста и вредноста на дијалогот со исламот, како и со другите религии, со општеството како целина, е од суштинско значење; но во исто време, треба да се осуди употребата или злоупотребата на религијата во името на насилството или тероризмот. Бидејќи тоа – особено за Светиот Отец – е скандалозно: дека луѓето во името на Бог, се способни да убиваат други луѓе, особено невини или ранливи, срамота е што цели заедници им се потчинети и осудени со години да трпат страдање и насилство. Ова е огромен скандал, кој треба да го победиме. И ние, како претставници на Светиот Престол, како религиозна институција, го чувствуваме тоа уште посилно, можеби повеќе од световните општества, затоа што знаеме дека вистинската порака на религијата, која е љубовта, е искривена. Природно е Папата да го осудува ова на најостар начин“.
На прашањето на новинарката за кризата со миграцијата, секретарот за односи со државите одговори: „Да, Папата ја изрази својата благодарност за неверојатните напори и големите жртви, кои ги направија различни земји, кои примија веднаш бегалци, како Јордан и Либан, а потоа и граничните земји како Турција, Италија и Грција, и покрај фактот дека прашањето за миграцијата претставува вистинска криза за Европа денес, во исто време многу од овие заедници, од владите до многу луѓе, лично помагаат на оние кои имаат потреба, кои Папата ги нарече: „не анонимни луѓе, туку – човечки битија како нас, меѓу кои има и деца …“.
„Ние треба да се справиме со овој „горлив“ проблем, со оваа многу сериозна криза. Мислам дека не ги потценуваме тешкотиите и проблемите, ниту внатрешните проблеми на некои земји: тоа никако, но во исто време, го потврдуваме повикот дека е потребно да се вложат повеќе напори, бидејќи тоа не е само социјален проблем, туку станува збор за морална криза во Европа.
РВ/В.Н.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк