Од 18 до 25 јануари 2025 година, ќе се одбележи Молитвената осмина за единство на христијаните, екуменска иницијатива во која христијаните од целиот свет од различни конфесии и традиции се собираат на молитва за единството на Црквата.
На јужната хемисфера, каде што јануари е период на одмор, Црквите ја одбележуваат Молитвената осмина за единство на христијаните на други датуми, на пример за време на Педесетница, подеднакво важен период за единството на Црквата. Без оглед на датумот, важно е во текот на годината да се обидуваме да најдеме можности да се молиме заедно за единство на христијаните.
Меѓународниот комитет именуван од Одделот за унапредување на единство меѓу христијаните (DPUC) и Комисијата за вера и конституција на Светскиот совет на црквите (ССЦ) за подготвка на материјалите за Молитвената осмина во 2025 година се состана во Италија, во манастирот Бозе, во провинцијата Биела, од 11 до 15 септември 2023 година. Подготовката на материјалот всушност беше доверена на монашката заедница од Бозе, која назначи група браќа и сестри од Заедницата да го подготват првиот нацрт на текстот. За време на состанокот, оваа локална група соработуваше со Меѓународниот комитет за финалната ревизија на текстот. Со состанокот копретседаваа свештеникот Мики Робертс од ССЦ Женева и свештеникот Мартин Браун, OSB, од Одделот за унапредување на единство меѓу христијаните.
„Го веруваш ли тоа“ (Иван 11,26) е библискиот текст за кој ќе се размислува, црпејќи го своето вдахновение од дијалогот меѓу Исус и Марта, за време на посетата на Исус во куќата на Марта и Марија во Витанија, по смртта на нивниот брат Лазар, забележан од евангелистот Иван. Исус ја натера Марта да верува во воскресението и го открива својот идентитет како Месија: „ „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. 26. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека.“ (11,25-26). По оваа изјава, Исус ѝ поставува на Марта многу директно и длабоко лично прашање: „ Го веруваш ли тоа?“ (р. 26). Како Марта, и првите христијани не можеле да останат рамнодушни или пасивни пред овие Исусови зборови, кои ги допреле и ги преиспитувале нивните срца; се обиделе да дадат разбирлив одговор на прашањето на Исус: „Го веруваш ли тоа?“. Така, отците од Ниекоја се труделе да ги најдат вистинските зборови за да ја изразат Тајната на Воплотувањето и на Страдањето, Смртта и Воскресението на нивниот Господ во целост. Додека го чекаат Неговото повторно доѓање, христијаните ширум светот се повикани заедно да сведочат за оваа вера во воскресението, која е извор на надеж и радост што треба да се сподели со сите народи.
Исто така е многу важна овогодишната годишнинаа, со која се одбележуваат 1700 години од првиот Вселенски христијански собор одржан во Никеја во 325 година. Оваа прослава нуди можност да се одрази и слави верата на христијаните како што е изразена во Символот на верата формулирана за време на овој Собор, вера која е жива и плодна денес.
Затоа Молитвената осмина за единство на христијаните во 2025 година нè повикува да црпиме од ова заедничко наследство и да навлеземе подлабоко во верата што нè обединува како христијани. Заедничкото живеење на апостолската вера не значи повторно отворање на теолошките контроверзии од тоа време, кои продолжуваат низ вековите, туку повеќе молитвено препрочитување на основите на Словото Божјо и црковните искуства кои довеле до чествување на Соборот и ги поттикнува одлуките.
На годишнината од Соборот во Никеја, Молитвената осмина се фокусира на значењето на верата и на потврдувањето на верата, како на личната, така и на заедничката: „Верувам“ и заедно „Веруваме“.
Материјалите (на неколку јазици) вклучуваат вовед во темата, екуменска служба, избор на кратки читања и молитви за секој ден од седмицата. Имајќи го предвид екуменското значење на 2025 година, вклучени се и кратки светоотечки текстови, главно од првиот милениум, за да понудат слика на христијанската мисла во тоа време за да помогнат одлуките од Никејскиот собор да се сместат во контекстот во кој се формулирани и кој влијаел на нив. Овој материјал може да се користи на различни начини, не само за молитвената осмина, туку и за целата 2025 година.
Ватикан њуз/к.мк