За Октомвриската побожност

Месец октомври е посветен на Богородица – Царица на Светата Бројаница. Светата Бројаница всушност е молитвена медитација и многу свети луѓе, познати и непознати, преку светата Бројаница достигнале врв во својот духовен живот.

Се нарекува побожност, бидејќи е заедничка молитва, која нема строго литургиски облик, туку многу повеќе народен. Целта на побожностите е верникот да ја збогати својата вера и верност кон Бог.

Од Богородични народни побожности посебно ни се познати „Мајската побожност“ и „Октомвриската побожност“. На тие побожности верниците се доаѓаат секоја вечер во црква и заеднички молат Молебен односно Света Бројаница. Овие Богородични побожности имаат вековна традиција во Црквата, а многу црковни документи ги препорачуваат и денес, од кој позначајно е Апостолсkото писмо на папата Иван Павле II„Бројаницата на Дева Марија“(Rosarium Virginis Mariae), објавено на 16 октомври 2002 година.

Во контекст на Година на милосрдието, која од папата Фрањо ќе биде прогласена на 8 декември 2015 година Светата Бројаница нѐ воведува во големото Божјо милосрдие кое Бог го има кон човекот грешник. Таа го повикува човекот на покајание, дава надеж и ја открива конечната смислацел на човекот. Преку таинствата на верата нѐ води Пресвета Богородица, која е полна со милост. Со својата мајчинска рака нѐ води до Исус Христос и затоа молејќи ја Светата Бројаница трајно се поврзуваме со Исус и неговата Мајка.

Истовремено Светата Бројаница треба да биде и дел од секое семејство. Да одлучиме секогаш заеднички да молиме во семејството, во каква и да сме состојба: кога ни е добро и кога ни е лошо и тешко, кога имаме и кога немаме, кога сме здрави и кога сме болни, млади и стари…

Светиот папа Иван Павле IIво Апостолското писмо „Бројаницата на Дева Марија“ ја истакнува важноста на оваа молитва за семејствата и ја нуди како голема помош со која може да се запрат разорувачките последици предизивикани од современата криза на семејствата.

о. Гоце Костов

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Колумни, Свет

За авторот