Во месечната молитвена накана на епископот Стојанов за јануари 2026 година повикува да молиме за благослов од Бога, оваа нова календарска година да биде исполнета со пасторални и молитвени настани, кои ќе бидат во служба на евангелизацијата и спасение на душите.
Во првиот месец од годината, кога Црквата живее во светлина на Христовото раѓање, сакам да ве повикам заеднички да молиме за благослов од Бога, оваа нова календарска година да биде исполнета со пасторални и молитвени настани, кои ќе бидат во служба на евангелизацијата и спасение на душите.
Да молиме „Господ да ја обнови Својата Црква во ревноста за навестување на Евангелието, за секоја заедница и секој поединец да биде „светлина на светот“ и сол на земјата“ (сп. Матеј 5,13-14), а секој верник да го препознае својот повик, со зборови и дела да го навестува Христос во светот.
Оваа година нека биде исполнета со преобраќања: да се вратат оние што се оддалечиле од Бога и од заедништвото со Црквата, да се зацврстат колебливите во верата, да се исцелат ранетите по срце и по дух, за да ја вкусат утехата на Оној што „ги исцелува скрушените по срце и ги преврзува раните нивни“ (сп. Псалм 146,3), и да се умножуваат благодатите во Црквата, за да „стане сé ново“ (сп. Откровение 21,5)

