Папата Фрањо одлучи првата молитвена накана во 2022 година да ја посвети на оние кои страдаат поради верска дискриминација и прогонство. Во видео пораката Светиот Отец потсетува дека верската слобода не е ограничена само со пoчитување на Бог, туку е поврзана и со братството.
Седма година по ред Светиот Отец преку Папската светската молитвена мрежа ги споделува молитвените накани кои и ги доверува на целата Црква. Во јануари 2022 година, тој испраќа силна порака за верската слобода, повикувајќи да се моли за оние кои страдаат поради верска дискриминација и прогонство. Светиот Отец ги повикува сите луѓе да го изберат патот на братството, бидејќи како што вели во пораката – или сме браќа или сите губиме. Затоа е важно да се стави крај на бројните многу ограничувања што многумина ги наоѓаат кога сакаат да ја исповедаат својата вера.
Апелирајќи до владите во светот, Папата во својата порака нагласува дека во општествата во кое живееме и се развиваме, мора да се признаат правата и достоинството кое сите ги имаме врз основа на тоа што сме луѓе. Овој пат видеото е поддржано од Папската фондација „Помош за црквата во потреба“ – добротворна католичка меѓународна организација посветена на помагање на верниците таму каде што се прогонувани, угнетувани и во потреба.
Во првата накана во новата година, папата Фрањо ја започнува видео пораката со две директни прашања: Како е можно денес многу верски малцинства да страдаат од дискриминација? Како да дозволиме, во цивилизирано општество, прогонство на луѓето само затоа што јавно ја исповедаат својата вера? Според Извештајот за верските слободи во светот објавен од „Помош за црквата во потреба“ во април 2021 година, верската слобода е прекршена во една третина од земјите во светот каде живеат скоро 5,2 милијарди луѓе. Во истиот извештај се наведува дека повеќе од 646 милиони христијани живеат во земји каде верската слобода не се почитува. Од 2020 година се нагласува многу етнички и верски малцинства, особено оние со муслиманско потекло, не уживаат полноправни граѓански права во земјите во кои живеат.
Светиот Отец потсетува дека верската слобода е поврзана со братството. За да почнеме да чекориме по патот на братството, потребно е не само да го почитуваме другиот, нашиот ближен, туку вистински да го цениме во неговата различност и во него да препознаеме вистински брат. Како човечки битија имаме многу работи кои ни се заеднички за да можеме да живееме заедно прифаќајќи ги разликите со радост затоа што сме браќа. Без оваа премиса не е можен патот кон мирот и соживотот.
Ватикан њуз/к.мк